Во потрага по класичните вредности
Според Љубомир Јовановски, нашиот идентитет одамна се устоличени во светската градина на вредности
Киро Кипроски
Гостивар - Научно фантастичниот роман, волшебна и раскошна македонска бајка со корени во реалниот свет, „Бадник над Санкт Петебург“ на авторот Љубомир Јовановски - Кара од Гостивар, која од печат излезе деновиве во издание на реномианата издавачка куќа „Магор“ од Скопје, беше повод за разговор со авторот.
„Од мал ме преокупираше и во мојата творечка душа остана виртуелниот свет на медиумската фантазија на литературата, на филмот, на музиката и на фолклорот. Исто така, целосно ме обземаат вредностите на деветтата уметност - стрипот“, го започна разговорот Јовановски и додаде дека оттука произлегува и срцевината на неговото литературно творештво. „Можеби творечкиот порок и поместените вредности на глобалниот свет продолжувам упорно да ги открвам и да ги всадувам конекциите што ги поврзуваат класичните вредности“, продолжи Јовановски. Врз неговото творештво, како што вели, можеби влијание имале егзотичните предели кои ги посетувал и кои биле вистински поттик и предизвик за да се посвети на вредносттие на пишаниот збор. Можеби тие патешествија не ја ограничиле шароликата жанровска опеделба. Покрај тоа, опкружувањето и другарувањето со луѓе од различна етничка и верска припадност, секако, придонеле кон збогатување на духот со нови вредности кои повторно биле поттик за неговата плодна активност во областа на литературата.
Јовановски со пишување интензивно се занимава во последниве дваесеттина години, кога од неговата книжевна работилница излегоа десеттина романи и тоа: „Пеколна игра“ и „Мистеријата ХИНД - Д“ (1995), трилерот “Танцот на Мршојадците” (1997), крим приказни кои секојдневно излегуваа во дневниот весник „Вечер“ (1994 - 1996) под псевдонимот Роберт Торн и крими енигматски задачи во Неделно Време во 2006. Издавачката куќа „Мисла“ му го откупи романот со историска епопеја „Проколнати“, кој наскорото ќе излезе од печат. Во романот прекрасно е поставена драматуршката претпоставка за нашата горчлива и насушна потреба од повторно и повторно откривање на корените на постоењето и постојано докажување пред сите оние кои се слепи и глуви за нашиот историски сјај на вечноста.
Подготвен за печатење е романот „Платеникот на Самуил“, уште една историска епопеја со виртуелна надградба за разврската на македонскиот престол, а уште три романи и книга со кратки раскази се во завршна фаза.
Последниве години, Јовановски претпочита сериозен и ��стражувачки пристап на содржините кои ги обработува, како кон жанровите кои не се застапени во македонското литратурно творештво или пак тоа се само срамежливи почетоци во трката по читателот кој нагласено преферира трендовски притисок што доспева од светските културни центри, така и кон истражувачки вредности на нашето минато зачинети со имагинарни, претпоставени или емпириски вредности кои можат да откријат барем мал дел од висината за нашата богата историја.
Според Јовановски современиот македонски роман доживува ренесанса и покрај пречките што постојано го следат. Повојот на процесот на надградбата кој прави обиди да се пронајде себе си во рамките на системот, ја диктира и плодноста на авторите кои го бараат својот стимуланс за непроспиените ноќи и понудените духовни вредности.
За да се остври заедничка цел на општеството, Јовановски смета дека поединецот како автор и читателот како конзумент, неопходна е блиска соработка и повисокот ниво на професионалност. Македонија е земја на поети, автори, музичари, раскошен фолклор на светско ниво. Треба да се направи се' за да си го заземеме своето место во светската градина на вредности во која нашето постоење и нашиот идентитет се одамна устоличени. Време е да го оставиме настрана нашиот „пазар на суети...“. |