Број 2851  понеделник, 01 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Досадна премиера

Кон операта „Плаштот“ на Пучини изведена завчера на сцената во Македонската опера и балет

Обидот да се постави операта „Плаштот“ („Il Tabarro“) на италијанскиот романтик Џакомо Пучини на македонска сцена, и тоа по пауза од скоро половина век, е за поздрав. „Плаштот“, како дел од познатиот Триптих („Il Trittico“) на авторот во кој се содржани и „Сестра Анџелика“ и неговата единствена комична опера „Џани Скики“, и кај нас, како што биднува во последно време и во светот, се реализираше засебно, како едночинско дело. Но, за жал, амбициозните најави за завчерашната премиера од страна на организаторот, Македонска опера и балет, и уште поамбициозниот зафат на оперскиот пејач Цветан Стојановски овој пат да ја игра улогата на режисер, се изгубија во лавиринтите на сувопарноста и монотонијата. Едноставно, македонската премиера на „Плаштот“ доживеа неуспех.

Пучини е препознатлив и се издвојувал од неговите современици најмногу по мајсториите за истенчено обликување на деталите, по тоа што во сите свои дела голема важност му придавал на драмското обликување, но и за создавање на таква атмосфера, која ќе успее да ја наметне односно рефлектира кај публиката како би можела таа да се соочи одблизу со предизвиците на приказната. Но, овој пат се чини, гледавме некој друг Пучини. Недостигаше неговата изразита драматургија, односно сугестивна драмска сила, ја немаше таа привлечност која доаѓа од лирската чувствителност на ариите, од присутната меланхолија. Приказната за љубовта меѓу Џорџета (младата жена на Микеле-стариот сопственик на брод) и наемниот работник на бродот Луиџи, приказната за страста, страдањето, гневот..., беше далеку од нас присутните завчера во Салонот на МОБ.

Очигледно е дека Цветан Стојановски, сега како режисер на „Плаштот“, имал намера да направи нешто невообичаено, да внесе нови и свежи интервенции во дејствието. Но, приказната немаше динамика, немаше континуирано течение, го немаше ритамот и пулсот на движење што би било вообичаено во тоа времетраење од само еден час на операта, немаше разиграни, раскошно обликувани планови во позадина, како би се издвоило основното дејствие и дијалошките форми во предниот план, немаше возбуда, немаше промени... Приказната беше досадна, со непотребни и навидум незабележливи сосема куси паузи кои ја прекинуваа играта, со режиски решенија вметнати само колку да постои некаква промена, без причина (страничното излегување на продавачот на канцонети на пример, шетањето на девојките по сцената небаре се манекенки, излегувањето на детето и жената...), а кои го одвлекуваа вниманието од сржта на приказната, од фокусот на основното дејствие, од погледот кон главните п��јачи. Од друга страна пак, и поделбата на улогите беше несоодветно направена. Сопранот Павлина Новакова-Георгиев како Џорџета и тенорот Ѓорѓи Цуцковски како Луиџи се познати на македонската оперска публика од нивните досегашни, се разбира, засебни успешни остварувања. Но, не се добри како вокален тандем. Волуминозниот глас на Новакова често го преклопуваше суптилниот тенор. Единствено баритонот Нико Исаков, гостинот од Бугарија, беше најблизу до Микеле, иако и кај него недостигаше страста и енергијата на несреќниот лик кој на крајот станува гневен од прељубата на неговата жена, убивајќи го младиот Луиџи.

„Плаштот“ на Пучини едноставно кажано, е убава опера, со прекрасни арии, прекрасна музика, преполна со возбудливи музички делници и како што ќе каже еден биограф на делата на италијанскиот мајстор, „со филмски пејзажи, каде топлото и ладното стануваат едно“. Се надеваме дека во иднина Македонската опера ќе се погрижи да ни ја презентира „Плаштот“, како и останатите две опери од Триптихот на Пучини, во своето вистинско светло. (Т.И.)


Статијата е прочитана 317 пати.

Испрати коментар

Од: Љубител
Датум: 01.12.2008 10:15:29
Треба дефинитивно и операта и Цветан да разберат дека него го бива само за пеење. Се друго е само болна амбиција. Забелешката е добронамерна.
Од: LiLu
Датум: 01.12.2008 11:08:04
A da se samoukinat ovie od opera. I taka nisto ne rabotat a troshat pari od budzet. Edna dobra pretstava da napravea!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Почина Јорн Узон, архитектот на Сиднејската опера
„Златна пирамида“ за шпанскиот „Враќање во Хансала“
„Златна лира“ се отвора со концерт на дуото Гелебешеви
Читатели ќе промовираат нов роман во „Матица“
Во потрага по класичните вредности