Број 2851  понеделник, 01 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

„Златна пирамида“ за шпанскиот „Враќање во Хансала“


Трагедијата на имигрантските приказни во „Враќање во Хансала“

„Сребрената пирамида“ во Каиро ја освои белгискиот „Прекратена слобода“

Сунчица Уневска

Шпанскиот филм „Враќање во Хансала“ на Чус Гутиерез е апсолутниот победник на годинешниот 32. Интернационален филмски фестивал во Каиро, Египет, кој заврши во петокот вечерта со доделувањето на наградите. Чус Гутиерез со овој филм ја освои и публиката и наградата на критиката, и на крајот ја доби и „Златната пирамида“ од страна на деветчленото жири предводено од шпанскиот режисер Иманол Урибе. „Сребрената пирамида“ му припадна на белгискиот филм „Прекратена слобода“ на Јан Верхејен, а „пирамидата“ за режија отиде кај данската режисерка Пернила Фишер Кристенсен за нејзиниот филм „Играчи“.

„Враќање во Хансала“ со својата имигрантска тема, со толеранцијата и разбирањето меѓу нациите, кои се на особен начин вткаени во него, совршено се вклопи во тенденцијата на овој фестивал да биде мост за разбирање меѓу народите и да придонесе кон интернационална комуникација. Но, интересно е дека и покрај тоа, и покрај позитивниот став и нагласувањето на толеранцијата „Враќање во Хансала“ не е воопшто пропаганден или мелодраматичен филм. Напротив. Гутиерез успева да направи една многу реална и животна приказна и да проговори за актуелните теми и проблеми низ вистинските човечки стории.

„Враќање во Хансала“ е приказна за една мароканска девојка која од Шпанија ќе тргне назад во своето мало село Хансала, за да го врати телото на брат и', кој ќе умре обидувајќи се илегално да премине во Шпанија. Но, големината на овој филм, а и на пристапот на Гутиерез, е што таа ја избегнува стапицата на осуда или предрасуди низ кои вообичаено се говори за овие теми, и тргнува од човекот, од индивидуата и од судирот на двата света, кои се навидум сосем различни, а во суштината исти, барем кога станува збор за вечната потрага на човекот по разбирање, доверба и чувство на исполнетост. Но, во сето тоа, ова не е идеалистичен филм, туку реален, приземен, вистински, кој упатува силна критика, но само низ констатацијата и суптилното набљудување на животот.

Интересно е дека и филмот кој ја освои „Сребрената пирамида“ белгискиот „Прекратена слобода“ исто така се занимава со имигрантите и нивната (не)вклопеност во современото белгиско општество. Верхејен многу интелигентно ја разоткрива целата игра на предрасуди, вкоренета од двете страни и целата небулоза на современото живеење во самото срце на Европа. Додека данската режисерка Фишер Кристенсен во својата префинето исткаена приказна за љубовта и довербата во филмот „Играчи“ се определува за една поинаква тема, но повторно тема која се занимава со човечките релации. Иако „Играчи“ е љубовен филм, сепак, фокусот во него е на предрасудите и на прифаќањето на своите емоции и на реалноста онаква каква што е.

Наградите за улоги, пак, отидоа кај францускиот и грчкиот филм. Наградата за главна женска улога ја доби француската актерка Јоланда Моро, која во филмот „Серафин“ на Мартин Провост, игра еден комплексен лик на жена која се бара себеси и која е заплеткана во жестокиот вител на препознавање на сопствениот идентитет. А наградата за машка улога ја доби аргентинскиот актер Хуан Диего Бото за неговата исклучителна, истовремено смирена и жестока, но непоколеблива улога како шпанскиот инквизитор Нино де Гевара во филмот „Ел Греко“ на Јанис Смарагдис.

Фестивалот во Каиро годинава беше целосно посветен на духот и наследството на големиот египетски режисер Јусеф Шахин (1926 - 2008), кој почина во јули оваа година. Во чест на Шахин, на кого годинава му беше посветена и големата венециска Мостра, во Каиро беа прикажани неговите понови филмови: „Емигрант“ (1994), „Судбина“ (1997) и последниот „Хаос“ (2007). Но, затоа, во француската амбасада во Каиро на Шахин, кој работеше долго и во Франција, му беше направена посебна почест и на отворено, во прекрасен амбиент беше прикажано неговото ремек-дело „Железничка станица“ од 1958 година, филмот кој има силен социјален ангажман и кој му ја донесе светската слава.

Каиро му оддаде голема почест и на мексиканскиот ангажиран автор Артуро Рипштајн (1943), познат по својата општествена и политичка критика, но и по својата соработка со Луис Буњуел. Во Каиро беше прикажан неговиот многу познат филм „Царство на среќата“ од 1986 кој се занимава со судирот меѓу урбаното и руралното, а инаку е римејк на „Златниот петел“ од 1964 година на Гавалдон. Рипштајн својот прв филм „Време на умирање“ го направи според сценарио на Маркез, а во Египет беше прикажан и неговиот филм „Почеток и крај“ од 1993 направен според делото на египетскиот нобеловец Нагиб Махфуз.

На фестивалот во Каиро беа прикажани двестотини филмови од 60 земји, а беа претставени и 22 филма од арапските земји, како и 22 филма од Шпанија, годинава земја во фокусот. Оваа година беше промовиран и филмскиот маркет на кој беше претставено доаѓањето на новата дигитална ера во поглед на снимањето филмови. Тие ја најавија промената на курсот во локалното снимање со се' поголемо користење на последната дигитална пост-продукциска технологија. Овој египетски фестивал кој од година во година е се' поголем и за кој владата издвојува дури еден милион долари, е исклучително амбициозен. Неговата цел меѓудругото е и поддршка и развој на филмската индустрија во овој дел на светот и иако можеби тој ја нема професионалноста и зрелоста на европските фестивали, факт е дека во многу придонесува кон развојот и промоцијата на египетскиот, арапскиот и африканскиот филм. Покрај тоа, тој им ја отвора вратата и на многу млади луѓе, кои и покрај строгото почитување на традиционалното, се обидуваат да излезат и како и сите други, својот свет да го направат подобар. Поддршката во тоа, а и контактите што тој ги овозможува, секако, се скапоцени. Затоа, улогата на фестивалот во Каиро е од непроценливо богатство и за овој дел на светот, но и многу пошироко.


Статијата е прочитана 193 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Почина Јорн Узон, архитектот на Сиднејската опера
„Златна лира“ се отвора со концерт на дуото Гелебешеви
Досадна премиера
Читатели ќе промовираат нов роман во „Матица“
Во потрага по класичните вредности