И пензионираните професори со дупли примања?
Универзитетските професори кои се во пензија максимум пет години ќе можат повторно да предаваат на државните факултети. Новите измени што се предлагаат во Законот за високото образование не прецизираат како ќе се платат овие професори, за кои има две опции - или да добијат хонорар или, пак, да добиваат цела плата. Воведувањето на новите измени, кои вчера го поминаа првото читање, предизвикаа најмногу реакции кај опозицијата.
„Со ваквата политика се руши квалитетот во високото образование, уште повеќе поради тоа што ова ќе придонесе за хаосот во високото образование“, рече Славица Грковска-Лошкова од СДСМ на вчерашната седница на Комисијата за образование, наука и спорт. Таа побара од Министерството за образование да добие информации колку професори е планирано да се ангажираат и колку средства има намера да одвои Министерството за тоа.
„Законот се предлага во ситуација кога во Агенцијата за вработување има евидентирано 216 невработени магистри и 13 доктори на науки“, додаде Лошкова, забележувајќи дека Владата не излегува во пресрет на барањата на универзитетите за вработување нови кадри, туку ангажира пензионирани професори.
Заменик-министерката Линдита Ќазими се бранеше со фактот дека во предложените измени се наведува дека пензиониран професор ќе биде ангажиран доколку на конкурсот не се јави соодветен кадар. Според неа, предвидено е измените, ако бидат усвоени, да важат до 2013 година за да се остави време дотогаш да докторираат кадри.
Пратениците имаа генерална забелешка дека времето од пет години е најдобро да се скрати на три поради кондицијата на професорите на тие години.
На вчерашната комисиска седница се расправаше и за предложените измени во Законот за учебници за основно и за средно образование. Пратеничката Грковска-Лошкова ги критикуваше предложените измени со кои, според неа, се предвидува конкурсот за учебници, наместо четири, да трае еден месец. „Со измените се овозможува автори на учебници да бидат вработени во Министерството, со што се задоволуваат барањата на мафијата во учебникарството“, рече таа. Таа смета дека за еден месец не може да се подготви учебник, освен ако претходно не е договорено тој да биде избран на конкурсот. Таа потенцира дека во измените со кои се предвидува, ако не се избере учебник, министерот да формира авторски тим, практично, се озаконува корупцијата. Заменик-министерката за образование, Ќазими, претходно ги образложи измените со тоа дека советниците се најстручни луѓе за да изготват квалитетни учебници. (Ж.Х.З.) |