Омбудсманот ја продолжува борбата против тортурата
Зајакнување на кадрите на институцијата омбудсман за подобро откривање и справување со случаи на тортура и нечовечко однесување ќе биде во фокус од септември до декември оваа година. За таа цел, народниот правобранител Иџет Мемети и амбасадорот Хозе Луис Хереро, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вчера потпишаа Меморандум за соработка за проектот за промоција и зајакнување на омбудсманот како национален превентивен механизам за заштита од тортура во согласност со факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура.
Мемети објасни дека поради деликатноста на феноменот тортура од големо значење е техничкото зајакнување на кадрите кои секојдневно вршат истрага во затворите и во психијатриските болници. Народниот правобранител нагласи оти е неопходно да се обучат и кадри на МВР, како и овластени лица кои работат во државните институции од затворен тип, бидејќи големиот број кривични пријави сигнализира дека овластените не го разбираат целосно феноменот, изедначувајќи го само со физичко малтретирање.
Проектот е целосно поддржан од Мисијата на ОБСЕ. Шефот на ОБСЕ за Македонија истакна дека справувањето со случаи на нечовечко однесување е деликатна задача која омбудсманот и останатите државни институции мора да научат да ја извршуваат на високопрофесионално ниво. „За превентива на тортура и нечовечко однесување не се дискутира, едноставно, тоа мора да се спречи“, порача амбасадорот Хереро. (М.П.) |