Иванови се преселија во резиденцијата на Водно
Вилата од 1.500 квадратни метри не била посебно подготвувана за преселбата на Иванови
Оливера Војновска
Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, со своето семејство, сопругата Маја и синот Иван, од неодамна живее во резиденцијата на Водно што ја користеа сите негови претходници - поранешните претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Претседателската вила од 1.500 квадратни метри не била посебно подготвувана за преселбата на семејството Иванови.
По желба на претседателот, освен тековното одржување и чистење, немало никаква реновирање или промена на ентериерот. Иванови го користат истиот мебел како и семејството на експретседателот Црвенковски.
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Васе Доневски, вели дека во резиденцијата „не е направено ништо друго, освен бојадисување на ѕидовите со поликолор ’пронал‘ и тековно уредување на дворот“.
Претседателот Иванов од инаугурацијата на 12 мај досега живееше во една од кулите на Градски ѕид во центарот на Скопје.
Минатиот месец во станот над претседателот тенџере заборавено на вклучен шпорет предизвика голема паника од пожар и кај станарите и кај обезбедувањето. Беа повикани и пожарникарите, но, за среќа, се покажа дека противпожарната бригада нема што да гасне. Сепак, се чини дека изгореното тенџере ја забрза селидбата на Иванови.
Во Кабинетот на претседателот вчера индиректно потврдија дека претседателската вила веќе не е празна. Оттаму ни рекоа дека „поради безбедносни причини не можеле да откриваат каде престојува претседателското семејство, додека Иванови живееле во Центар“. Побараа време да добијат дозвола за да можат официјално да ни ја потврдат информацијата.
Иванов е првиот македонски претседател кој ќе шефува од новите работни простории во вилата „Водно“, која се наоѓа во близина на претседателската резиденција.
Резиденциите на Водно се државен имот, па согласно со тоа, како што се менуваат претседателите и премиерите така се менуваат и нивните станари. Поранешниот претседател Црвенковски веднаш по престанувањето на мандатот со семејството се врати во станот од 61 квадратен метар во населбата Капиштец.
Премиерот Никола Груевски веќе три години по доаѓањето на функцијата живее во зграда на раскрсницата во населбата Црниче, спроти седиштето на СДСМ. Неофицијалните информации говорат дека семејството на премиерот одвреме-навреме престојува во вилата на Водно. |