Македонската филхармонија со концерт посветен на Шопен
Во Домот на АРМ нема парно, но организаторите велат дека музиката на Шопен ќе ни ги стопли срцата
Тина Иванова
Вечерашниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во Домот на АРМ во 20 часот, ќе биде посветен на големиот јубилеј - 200 години од раѓањето на еден од најзначајните претставници на романтизмот, полскиот композитор и пијанист, Фредерик Шопен. Филхармоничарите и гостите од Полска, диригентот Јануш Пшибилски, чест гостин-диригент на Македонската филхармонија и солистот на пијано, еден од најафирмираните пијанисти и педагози во Полска, Пјотр Палечни, ќе ги изведат Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Шопен и свитите - „Шопенијана“ од Александар Глазунов и „Сон на летната ноќ“ од Феликс Менделсон.
„Се надевам дека вечерашниот концерт ќе им ги стопли срцата на посетителите, зашто во салата нема парно. Но, музиката на Шопен е топла, а особено е таква изведбата на врвниот пијанист Палечни, како и придонесот на маестро Пшибилски“, рече директорката на Филхармонијата, Маја Чаначевиќ, на вчерашниот прес.
„Со вечерашниот концерт го затвораме јубилејот на Шопен, кој во текот на целата година го славевме низ повеќе градови во Македонија, организирајќи повеќе од 30 концерти“, рече полскиот амбасадор, Карол Бахура. За пијанистот Пјотр Палечни, Бахура истакна дека е голем поет на пијаното, додека за Шопен, дека е на некој начин и жител на Скопје, зашто во Скопје има улица именувана по полскиот композитор, а оваа година Полската амбасада отвори и парк кој го носи името на Шопен и каде што е поставена првата биста. „Сметам дека вечерашниот концерт ќе ја загрее публиката, зашто музиката на Шопен е разбирлива за сите генерации, доаѓа од срце и е за срце. Таа продира низ мислата и срцето и станува магична“, рече Бахура.
„За мене Шопен е секогаш жив“, рече пијанистот Пјотр Палечни. „Јас сум поврзан со него. Иако често ја изведувам неговата музика, никогаш не ми здодеал. Секогаш го изведувам со големо задоволство“.
Пјотр Палечни, покрај солистичката кариера, која брои концерти ширум светот, со видни оркестри и диригенти, познат е и по неговата влијателна педагошка работа, како и по членувањето во голем број на меѓународни жирија на врвни натпревари по пијано. Еден од неговите последни албуми, насловен „Најдоброто од Фредерик Шопен“ му ја донесе наградата „Фредерик 1999“ на Полската фонографска академија.
Маестро Јануш Пшиблски, кој со Македонската филхармонија соработува четири сезони, вели дека македонските музичари добро ја разбираат не само полската музика, туку се што изведуваат. „Македонските филхармоничари не ги читаат нотите како математика, туку се обидуваат да ја разберат музичката клима“, рече Пшибилски.
Концертот ќе се одржи под покровителство на претседателот на Македонија, Ѓорѓи Иванов. Пред почетокот на концертот, во холот на Домот на АРМ ќе биде откриена биста на Шопен, која е подарок од Полската амбасада во Скопје, која е и покровител на вечерашниот концерт. Бистата инаку, е наменета за новата концертна сала на Македонската филхармонија чија изградба е во тек.
Македонската филхармонија конертната сезона годинава ќе ја заврши со два новогодишни концерти, под диригентство на Борјан Цанев. Првиот ќе биде наменет за најмладите и ќе се одржи на 25 декември во 12 часот во Домот на АРМ, додека вториот е традиционалниот Гала-новогодишен концерт кој ќе се одржи на 27 декември во Македонската опера и балет во 20 часот. Билетите за овој концерт чинат 500, 800 и 1000 денари, додека за детскиот - 150 денари. |