Конференција за создавање нов танцов театар
Денеска и утре на Универзитетот ЕСРА, во 11 часот, ќе се одржи конференција на тема „Современиот танц (култура) како фактор на трансформација на општеството - Нов танцов театар“. Оваа конференција е продолжение на конференцијата која „Интерарт“ ја организираше минатата година, со цел за создавање инфраструктура за современ танц во Македонија. Конференцијата е реализирана со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, Универзитетот ЕСРА, Скопската секција на ЦИД УНЕСКО и партнерите на „Интерарт“ културниот центар.
„Преку овој проект сакаме да отвориме нови прашања за развојот на современиот танц во Македонија, како потребата од прв Танцов театар кај нас. Посебно ќе биде интересно да се видат размислувањата на учесниците околу тоа каде би не поставило создавањето на еден ваков театар во однос на европската танцова сцена“, вели Рисима Рисимкин, кореограф и директор на „Интерарт“.
„Современата танцова сцена во Македонија бележи забележителен напредок, посебно во последниве години, преку развојот на сите проекти кои се случуваат на тоа поле, како и поддршката на Министерството за култура и преку работата на одредени поединци. Сепак, потребна ни е целосна инфраструктура за современ танц - веќе се отвори Академија за современ танц, СДА, но треба да се оформи и Танцов театар, за да можеме да кажеме дека условите се веќе поставени и сега се зависи само од уметниците, нивниот талент и работа“, истакнува Рисимкин.
„Во Европа, современата танцова сцена е многу активна и таа веќе ги доближува современата и класичната сцена и ги поставува на исто место, пред иста публика. Се разбира ние треба да ги следиме тие искуства. Сметам дека државата позитивно ќе одговори во моментот кога ќе има уметници што ќе понудат свои решенија и што ќе го предводат и осмислат создавањето на неопходните услови за развој на современата танцова сцена“. (Т.И.) |