„Кралскиот говор“ понесе седум номинации за „Златен глобус“
Колин Фирт за улогата на кралот Џорџ VI и Натали Портман во „Црниот лебед“ се сметаат за годинешни фаворити за најдобри улоги
Сунчица Уневска
Филмовите „Кралскиот говор“, „Борец“ и „Социјална мрежа“ освоија најмногу номинации за наградите „Златен глобус“, кои во Холивуд веќе 68 години ги доделуваат акредитираните странски новинари. Овие награди се особено интересни затоа што со нив започнува сезоната на филмски награди, но и затоа што веќе со години „глобусите“ важат како најдобар индикатор за претстојните „оскари“. И иако тоа честопати и не се остварува, како на пример, последниве шест години во текот на кои само еднаш победи ист филм, „Милионер-бездомник“, сепак, филмовите кои влегуваат во трка за овие награди, во најголем број се во трка и за „оскарите“.
Но, да се вратиме на номинациите. Британскиот филм „Кралскиот говор“ на Том Хупер, кој ја раскажува приказната за кралот Џорџ VI и неговиот проблем со пелтечењето, предводи со дури седум номинации, меѓу кои и тие за најдобра драма, сценарио и режија. Веднаш зад него, со по шест номинации, се уште два филма од категоријата драма, кои исто така раскажуваат приказни за вистински личности, „Борец“ на Дејвид Расел, за боксерот познат под прекарот Ирец и „Социјална мрежа“ на Дејвид Финчер, кој се осврнува на творецот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг. Покрај овие три филма, за најдобра драма номинирани се и мрачниот трилер на Дарен Аронофски, „Црниот лебед“, кој годинава го отвори Венецискиот фестивал и научно-фантастичниот хит „Почеток“ на Кристофер Нолан, кој на изненадување на фановите, сепак, не му донесе номинација на Леонардо ди Каприо.
Она што е интересно во годинешната трка за „Златен глобус“, е фактот дека сите филмови во категоријата драма годинава носат и најголем број номинации. Така, „Црниот лебед“ и „Почеток“ се веднаш зад споменатите филмови, со по четири номинации. Додека, во категоријата за најдобра комедија или мјузикл се: „Алиса во земјата на чудата“ на Тим Бартон, „Децата се добро“ на Лиза Чолоденко, „Турист“ на Флоријан Хенкел, „Црвено“ на Роберт Швенке за пензионирани тајни агенти, кој доби само една номинација, иако во него играат: Брус Вилис, Џон Малкович, Хелен Мирен и Морган Фримен, како и мјузиклот „Бурлеска“ со двете музичарки, Шер и Кристина Агилера. „Децата се добро“ има исто така четири номинации, меѓу кои се и двете актерки, Анет Бенинг и Џулијана Мур, а „Алиса“, „Бурлеска“ и „Турист“ освоија по три номинации.
Годинава е навистина многу особена и трката за актерските номинации. Џони Деп е единствен кој има две номинации, за „Турист“ и за „Алиса во земјата на чудата“, иако номинациите за Деп и за Анџелина Џоли за „Турист“ предизвикаа големо изненадување. Необично е дека за нивните номинации гласаа акредитираните новинари, наспроти кои американските критичари дадоа многу негативни критики за филмот и за улогите на Деп и Џоли. Инаку, оваа година има многу филмови кои освоија навистина голем број актерски номинации. Така, за филмот „Кралскиот говор“ номиниран е Колин Фирт за главната улога, а за споредни во трката влегоа и Хелена Бонам Картер и Џефри Раш.
Сепак, најмногу номинации за улоги понесе „Борец“, дури четири. Марк Валберг го игра Ирецот односно Мики Ворд, додека Кристијан Бејл, Еми Адамс и Мелиса Лео добија номинации за споредни улоги. Многумина му ја предвидуваат наградата на Бејл за споредна улога, додека за главна, во сите предвидувања предводи Колин Фирт, кој го доби и признанието на њујоршките филмски критичари. Со по две номинации за улоги се: „Социјална мрежа“, каде што Џеси Ајсенберг, кој го игра Зукерберг понесе номинација заедно со Ендрју Гарфилд за споредна улога, потоа двете актерки од „Црниот лебед“, Натали Портман, која сите ја сметаат за фаворит, и Мила Кунис за споредна ролја. Мила Кунис ја освои наградата за најдобар млад актер на фестивалот во Венеција. А тука се и двајцата актери од „Љубов и други дроги“, Ен Хатавеј и Џејк Гиленхал, како и партнерите Мишел Вилијамс и Рајан Гослинг за „Блу Валентајн“.
Листата на актери е навистина голема, бидејќи кај „Златните глобуси“ наградите се поделени во категориите за драма и за комедија или мјузикл, па така, тука се и Хали Бери („Френки и Алис“), Никол Кидман („Зајачка дупка“), Џенифер Лоренс („Зимска коска“), потоа извонредниот Џејм Франко како планинар во „127 часа“, филмот кој е снимен по вистинска приказна и кој понесе номинација за сценарио, како и и оскаровецот Кевин Спејси за улогата во „Казино Џек“ и секогаш одличниот Пол Џамати за ролјата во „Верзијата на Барни“, каде игра покрај Дастин Хофман.
Во категоријата за странски филм, каде што и ние имаме свој кандидат, „Мајки“ на Манчевски, номинирани се филмовите на Алехандро Гонзалес Инариту со „Biutiful“ од Мексико, романско-францускиот „Концерт“ на Раду Михалеану, рускиот „Крај“ на Алексеј Учител, италијанската романса „Јас сум вљубен“ на Лука Гвадањино и данскиот „Во подобар свет“ на Сузан Биер. Многу познати автори, многу вистински приказни и одлични ролји. Доделувањето на 68. Златни глобуси“ ќе се одржи на 16 јануари во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес. |