Симон Трпчески вечерва ќе настапи во престижната „Карнеги хол“
Македонскиот пијанист Симон Трпчески ќе биде првиот македонски музичар, кој вечерва како солист ќе настапи на големата сцена во една од најпрестижните светски концертни сали, „Карнеги хол“ во Њујорк. Трпчески ќе настапи со Балтиморскиот симфониски оркестар под диригентство на Марин Олсоп, една од водечките жени зад пултот, изведувајќи го Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев.
„Карнеги хол“ како институција, како историја и како убавина на сала заедно со сите карактерни црти што му ги овозможува на еден уметник е дефинитивно престиж и голема мотивација“, изјави Трпчески за Македонското радио. „Можноста да се настапи во неа е чест за еден уметник кој мора да ги исполни критериумите за концертирање. Така, ова е еднакво на сон. Веројатно еден од многуте соништа за кои докрај не сум ни свесен дека сум ги отсонувал...“
По настапите низ Бразил, Ирска и Кина, Трпчески настапи со Холандскиот радио-филхармониски оркестар во Утрехт со концерт директно пренесуван на радио и Интернет и уште четири концерти со „Брабантс“ оркестарот, потоа серија рецитали што стартуваа во Велика Британија и Италија, а и оркестарски настап во Бордо, Франција, на што се надоврзаа и двата концерта на матичната сцена на Балтиморскиот симфониски оркестар и диригентската Олсоп.
На рециталот во Милано, пак, во рамките на „Музичките вечери“, својата италијанска премиера ја доживеало и делото „Песни и шепоти“ од македонскиот композитор Панде Шахов. На т.н. „македонска вечер“ присуствувал и фудбалерот Горан Пандев. (Т.И.) |