„Синедејс“ се отвори како аматерска смотра
Вечерва и утре во 23 часот се отвора автокиното на паркингот на Средно Водно
Прексиноќа во киното „Милениум“ со канскиот лауреат „Чичко Бонме се сеќава на минатите животи“ се отвори деветтото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Овој наслов и присуството на европратеникот Ерван Фуере, кој преку мисијата на ЕУ секогаш му дава поддршка на фестивалот, како и на селекторот Бернд Будер од Германија, кој првпат е дел од овој фестивал, требаше да му обезбеди на „Синедејс“ едно малку повисоко ниво. Но, тоа не се случи. Напротив. Фестивалот се отвори, најблаго кажано, како некоја аматерска филмска смотра.
Првенствено една млада девојка ги читаше информациите што ги добивме на прес-конференцијата и кои веќе ги објавија сите медиуми, како да сме во основно училиште. Превод не беше обезбеден иако имавме странски гости. Тука беа и режисерот и продуцентот од Турција, кои дојдоа со филмот „Те сакам“, што е во главна конкуренција, тука беше и претседателот на жирито, Сањин Пејковиќ, кој живее во Шведска, како и други гости. Ниту селекторот Будер, кој годинава го има главниот збор, никој не го преведуваше, а Фуере, како и секогаш, направи многу симпатична атмосфера, обидувајќи се самиот да зборува македонски. Градоначалникот Коце Трајановски го отвори фестивалот и, се разбира, и тоа никој не го преведе. Навистина е интересно што „Синедејс“ годинава има селектор од Германија, а, сепак, се однесува како да сака да биде локален. Некаде намерите се измешале или на некој навистина не му е јасно што значи „европски филмски фестивал“.
Во секој случај, канскиот победник веројатно многу придонесе салата да биде речиси полна. Но, потоа овој филм придонесе таа сигурно половина да се испразни. Бидејќи, „Чичко Бонме...“ е навистина чуден филм и на Канскиот фестивал тој воопшто не мина добро ниту кај публиката ниту кај критиката. Но, така одлучи жирито, на чело со Тим Бартон, и како и да е, но уште еднаш се потврди дека не секогаш победниците значат и добар филм.
Единствената светла точка прексиноќа беше концертот на Тони Китановски и „Черкези“, кој, за жал, не останаа многумина да го слушаат. Веројатно, сепак, подобро е концертите да си одат во МКЦ, каде што без оглед на филмот, секогаш за нив има млада публика. А поинаква е и атмосферата. Овде, во „Милениум“, во малиот хол групата мораше да настапи сместена во еден агол, што навистина беше сосема несоодветно.
„Синедејс“ продолжува и за време на викендот го најавува отворањето на автокиното, и тоа не на видиковецот, како што беше првично најавено, туку на паркингот на Средно Водно. Времето е еден час пред полноќ, а паркирањето е бесплатно. А проекциите продолжуваат, со тоа што гала-програмата оди во „Милениум“, а филмовите во конкуренција во „Фросина“. За сабота ќе ги издвоиме: „Ќе сретнеш висок црн странец“ на Вуди Ален (20 ч. „Милениум“) и Видеоактивизам во Хрватска (20,30 ч. во „Фросина“). Во недела може да се види „Филм социјализам“ на Жан Лик Годар во 20 часот „Милениум“, а во „Фросина“ од 20,30 израелската драма за двајца војници „Осаменици“ на Рене Шор. (С.У.) |