Европа - Балкан
Шок-терапија или кукавичлак
Иван Торов
Зошто Хрватска се' уште не е во можност да ги дознае вистинските причини и мотиви од ненадејното заминување на Санадер од власта од политиката?
БЕЛГРАД - Зошто хрватскиот премиер Иво Санадер ни крив ни должен замина од власта? Итар потег на прагматичниот политичар, кој разнишан од се' подраматичните маки на хрватското општество се повлече, за потоа зајакнат, „во вистински момент“ да се врати, или акт на „кукавичлак“ и „бегство кога е најтешко“, во момент кога сфати дека (хрватскиот) брод му тоне?
Без разлика што и да е од тоа - а ова се само два маркантни повода за „шокантна“ оставка од вистинската палета на можни одговори, кои деновиве можеа да се слушнат и во Хрватска, но и во соседните и останати земји од регионот - заминувањето на Санадер во стилот „јас направив колку што можев, сега некој друг нека продолжи“, стана доминантна тема. Како поради брзината на тој чин така и поради недостигот од вистинско и рационално прифатлив одговор зошто хрватскиот премиер го направи тоа, дури речиси една недела по неговиот ненадеен јавен настап. Објаснувањето на Санадер дека заминува за да ја „шокира“ домашната и европската јавност поради словенечкото уценување на Хрватска изгледаше неубедливо барем колку и процената дека во прашање се „лични причини“, односно „здравствени проблеми“, „презаситеност“ или, пак, „страв“ од искушенијата што доаѓаат. А можеби, како што велат некои аналитичари, токму новосоздадената конфузија беше главната цел за постапката на Санадер за неколку месеци подоцна, наесен, пред претседателските избори, да се покаже дека Хрватска нема подобро решение, туку да го „замоли“ политичарот „кој многу направи за неа“ да се врати на политичката сцена. Овој пат како спасител, триумфално.
Ако шестгодишниот владејачки (некои велат, властодржечки) ефект на Санадер се посматра во контекст на околностите по смртта на Туѓман, потоа прашањето „па, кога беше толку успешен зошто заминува“, се чини сосема логично. Како лидер на Хрватската демократска заедница, една од двете најмоќни хрватски партии се дистанцираше, всушност, дискретно, без спектакл, од националистичкото наследство на Туѓман, ги маргинализираше јастребите во ХДЗ, ја заврши соработката со Хашкиот трибунал, му судеше на Главаш за воени злосторства над Србите, ја воведе Хрватска во НАТО, воспостави покооперативна и конструктивна комуникација со земјите во регионот, членството во Европската унија го направи достижна цел. Критичарите, меѓутоа, на сите овие факти им го спротивставуваат крајниот резултат од неговата власт: блокада на Европската интеграции поради словенечката уцена, пад на економијата, најголем пад (во регионот) на БДП од 7 проценти, долг од 40 милијарди евра кој навестува банкрот на државата, огромна јавна потрошувачка. Покрај тоа, речиси апсолутна власт, со изразени популистички обележја, воспостави целосна контрола над повеќето важни медиуми и ги уништи демократските институции, претворајќи ги во чисти средства за пресметка и јакнење на автократската моќ. Сето тоа, според нив, на Хрватска во последно време и' донесе имиџ на една од најкорумпираните земји во регионот и впечаток, всушност, корупцијата и организираниот криминал се многу поголем и потежок проблем, отколку, да кажеме, територијалниот спор со соседна Словенија. Лошата приватизација, како всушност и во другите балкански држави, овозможи некои тајкуни, со нив и одделни актуелни политичари (се споменува и самиот Санадер) преку ноќ енормно да се збогатат. „Вашингтон тајмс“, на пример, токму по повод оставката на Санадер деновиве ја враќа сторијата за бројни неразрешени корупциски афери и скандали на власта на ХДЗ, заклучувајќи дека „некои држави имаат мафија, додека хрватската мафија има држава“. Весникот тврди дека гарнитурата на Санадер ја зацврсти врската со „мрачното балканско подземје и организираниот криминал, злонамерни претприемачи, мистериозни тајни служби и поранешната комунистичка номенклатура“. Накратко, овој американски весник предупредува дека крајниот резултат на сето тоа е: воспоставена држава на „злосторнички капитализам“.
Но, тоа се проблеми со кои Хрватска, сакала или не, допрва треба да се соочи. Ако тоа и не го направи „доброволно“, ќе мора по барање на Европската унија, која, секако, нема да си го дозволи луксузот во свое членство да прими уште една корумпирана и криминализирана држава, по непријатното искуство со Бугарија и со Романија. Можеби оставката на Санадер ќе придонесе соочувањето со темната стварност да биде до некаде порелаксирано затоа што се очекува дека без една така (се)моќна личност на кормилото на власта и со, би се рекло, изненадениот, затечен и фрустриран ХДЗ, ќе биде нешто поедноставно да се отвори корупциското досие.
Дилемите, меѓутоа, остануваат во сила кога станува збор за прогнозата дали, колку и во која насока турбуленциите на хрватската политичка сцена, предизвикани, сепак, со неочекуваното „заминување од политиката“ на Санадер, ќе влијае на ситуацијата и околностите во регионот. Повеќето аналитичари се согласуваат дека новата премиерка Јадранка Косор не е личност од калибарот на Санадер, централно двоумење е што ќе натежне во следните месеци. Продолжување на европските интеграции, што и Санадер на заминување и Косор на доаѓање го ветуваат, кои, меѓутоа, сега се чинат уште потешки и поделикатни, или на сцена ќе се врати старо-новата, досега потисната гарнитура на прекалени хрватски националисти. Доколку ова второто се покаже како пореално, се проценува дека хрватскиот „транзиционен курс“ би можел да доживее трауматични трансформации, кои многу неповолно би се одразиле на односите на Хрватска со соседите. Пред се', Словенија, Србија и Босна и Херцеговина. Тие процени, засега, сепак, се само во навестување. |