Жолт картон за Македонија од Стразбур
Македонија без мониторинг, но ќе се гледа со зголемено внимание на неа
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Парламентарните избори во Македонија не ги задоволија сите фундаментални меѓународни норми, е главниот заклучок на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ). Оттука и бројните критики и, за среќа, многу разбирање за „незрелоста“ на македонската демократија. Реакциите на ПС на СЕ беа умерени. Ова најмногу бидејќи не се сака да се предизвикуваат нови фрустрации и чувства на навреди.
Извештајот се осврнува на инцидентите и пропустите забележани од делегацијата на ПС на СЕ. Забележаните нерегуларности и хаосот ја демантираа намерата на властите за добар тек на изборите. Иако е јасно кажано дека најголемиот број од нерегуларностите беа забележани во деловите од земјата каде што живее албанско население. Изборите беа технички организирани, но добар дел од населението беше лишено од правото слободно да ја изрази својата волја поради насилничките, уништувачки и неодговорни акции водени од приврзаниците на двете главни албански партии.
Притоа, ПС на СЕ изразува сомневање и за квалитетот на одржувањето на редот во некои зони на Македонија. Иако се признава дека е постигнат напредок од страна на властите за да се спроведе Рамковниот договор од Охрид и за зголемување на бројот на полициските функционери од албанско етничко потекло, ПС на СЕ смета дека не е потребно само да се земе предвид бројот туку и квалитетот на обуката на овие полициски функционери.
„Веруваме во едно мултиетничко општество, во такво општество сите партии и од власта и од опозицијата сносат тешка одговорност, тие треба да им гарантираат на сите граѓани слободно да ја изразат својата волја на целата територија на земјата, без разлика на нивното етничко потекло“, нагласи известувачот на ПС на СЕ, турскиот пратеник Мевлут Чавошоглу.
Во дискусијата не успеаја да земат збор членовите на македонската парламентарна делегација поради ограниченото време за дискусии. Во делегацијата на македонското Собрание допатуваа само претставниците на опозиционата коалиција и претставникот на ДУИ, кои се најдоа во ситуација да ги бранат македонските власти од критиките во Стразбур за начинот на кој беа организирани изборите. Но, другите говорници, на прво место Французинот Жан-Ги Бранже, оценија дека инцидентите можеа да се предвидат и дека Македонија ја плаќа цената на бројните и видливи тензии меѓу двете албански коалиции.
„Во една земја која се' уште си го бара името, вербалното и физичкото насилство што ги одбележа кампањата и гласањето може да се бара и во фрустрацијата на една се' уште кревка нација, која се храни од евроатлантската надеж, на која и' ја затвораме вратата поради темни семантички прашања“, нагласи Бранже.
Францускиот сенатор од редовите на владејачката УМП, исто како и другите говорници, не го оправдува насилството, кое, како што рече Холанѓанецот Тини Кокс, е срам за Европа. Тој само побара: „Денешната дебата да не предизвика нови чувства на навреда во Скопје, Куманово или во Струмица. Радикализацијата на еден дел од албанофонското население ја подвлекува кревкоста на рамнотежата произлезена од Охридскиот договор. Неговото зацврстување е можно само преку целосно интегрирање на земјата во европското семејство на нациите“.
„Не е моја улога како член на ПС на СЕ да повикам на нејзино зачленување во ЕУ или во НАТО, едноставно повикувам на поголема почит кон оваа млада држава која покажа дека е способна да се поштеди од долга и страшна граѓанска војна“, додаде Бранже, очигледно далеку од размислувањата на својот претседател Никола Саркози.
„Сегашните тешкотии на земјата се должат и на тоа што ние не ја почитуваме и целосно и' ги затвораме вратите на земјата, со што само сееме сомневање и им даваме легитимност на оние што ги отфрлаат македонските национални чувства“. Францускиот сенатор беше мошне критички настроен кон барањето на албанските партии за двојно мнозинство во севкупниот законодавен процес, со што, според него, се намалува видливоста на младата држава.
ПС на СЕ одлучи и понатаму да ја следи од поблиску ситуацијата во Македонија во рамките на постмониторинг-дијалогот, за што една делегација наскоро ќе ја посети земјата. Со оваа одлука Македонија нема да се соочи со враќање на мониторингот, ама ќе се гледа со поголемо внимание на неа, но се' што се случи на изборите ја оддалечи земјата од подигањето на мониторингот. Укинувањето на мониторинг-процедурата значи целосно исполнување на критериумите од Копенхаген. |