Поглед
Демократски храмови
Оливера Војновска
Стартуваше новиот парламент, во пакет со него и новиот спикер од кого македонските граѓани го слушнаа старото и добро познато ветување: „Собранието ќе стане храм на демократијата и нема да биде во сенка на Владата“. Се менуваат собраниските состави, нивните претседатели, но, веќе 18 години ги слушаме истите приказни дека овој пат ќе се случи вистински процут на демократијата. На сите досегашни шефови на парламентот во стартот од мандатот устата им е полна со демократија и сите без исклучок имаат амбиција да го вратат „дигнитетот на парламентот“.
Реалноста, за жал, е сосема поинаква. Владата е таа што ја диктира работата на парламентот. Парламентарното мнозинство - без разлика која гарнитура е на власт, како под команда ги притиска зелените копчиња. На прсти можат да се избројат пратениците од владејачката коалиција кои ќе станат да продискутираат за некој закон. И тоа задолжително во афирмативна смисла. Ретко кој пратеник од власта се осмелил да настапи наспроти ставот на владата.
Нејасно е само зошто сосема непотребно се излегува со такви апсолутно нереални ветувања. И новиот претседател на Собранието, Трајко Велјановски, како и неговите претходници, многу добро знае дека „демократските храмови“ во нашите македонски услови се мислена именка. И дека од современите демократии не' разделуваат светлосни години.
За волја на вистината, најдалеку во оваа смисла отиде поранешниот собраниски спикер Љупчо Јордановски, кој го отвори парламентот за граѓаните кои доаѓаа во организирани групи, се шетаа низ парламентот кој за време на манифестацијата „Денови на Собранието“ не заседаваше. |