Доживотен затвор за убијците на децата од скопска „Чаирчанка“
Наим и Рамиз Асани ги сториле трите убиства и седумте обиди за убиства на младите во Интернет- клубот „21“
Љубиша Станковиќ
Судскиот кривичен совет на Основниот суд Скопје 1 за грозоморното трoјно убиство и уште седум обиди за убиство во Интернет-клубот „21“, што се случи на 18 мај 2006 година, на доживотна казна затвор ги осуди браќата Рамиз (29) и Наим Асани (24), двајцата жители на скопско Арачиново. Согласно пресудата што ја соопшти претседателот на петчлениот Судски совет, двајцата осудени се задолжуваат солидарно да надоместат 400.000 денари и паушал од уште пет илјади денари. Судот ги задолжи оштетените во граѓанска постапка да ги остварат своите права за надомест на штета.
Во моментите кога беше соопштена пресудата се слушна аплауз од Назми Исмаили, татко на загинатите Енѓин (14) и Енис Исмаили (17). Назми Исмаили, како и таткото на третата жртва-Реметула Ибиши (20) изразија делумно задоволство од висината на казната. Исмаили рече дека е благодарен на „полицијата и судот што ги казни злосторниците, но дека тоа нема да му ги врати децата“.
Во судницата на скопска „единица“ гласно незадоволство од висината на казната искажа осудениот Рамиз, кој рече дека и овој случај ќе заврши во судот во Стразбур. Инаку, на изрекувањето на пресудата покрај новинарите-известувачи не присуствуваа и снматели и фоторепортери. Иако за изрекувањето на пресудата Врховниот суд даде дозвола за снимање и фотографирање, сепак, судијата Драган Николовски усно соопшти дека нема да дозволи визулено и тонско снимање.
Маскарот што се случи на улицата „Стојна Стефкова“ број 16-б во населбата Чаир, според Обвинителството, претставувал порамнување на сметките, односно реванш за загинувањето на младиот Агим Асани, кој кон средината на јануари истата година беше убиен на паркингот пред Стоковната куќа „Илинден“ во Скопје. Тогаш, како можен мотив за убиството на Агим Асани се спомнуваше тепачка која се случила само неколку дена пред убиството, за што полицијата осомничи четири лица, но случајот остана без вистинска разрешница, па оттука и шпекулациите дека масакрот, наводно, бил мотивиран од крвна одмазда?!
На овие непотврдени информации се надоврзаа и кажувањата дека критичната вечер цел на нападот на Интернет-клубот „21“ бил извесен Бушат Хасани, а кој, пак, на судскиот процес што се водеше против браќата Рамиз и Наим Асани се јави како сведок.
Осудените и покојниот Агим Асани и уште четворица други на домашната јавност и' станаа познати по загинувањето на тројцата полицајци на влезот во Арачиново во јануари 2000 година. За тројното убиство на полицајците ним им беше изречена ослободителна пресуда, но таа пресуда беше укината од повисокиот суд и целиот предмет беше вратен на почеток.
Вчерашната пресуда адвокатот Стеван Павлевски ја коментираше како продолжение на она што во последно време се случува во правосудството. Павлевски рече дека и на оваа пресуда треба да се гледа низ контекст на она што Врховниот суд го кажа за случајот „Југ“ и за доживотниот затвор за двајца млади кои беа осудени на доживотен затвор и покрај тоа што отпосле се покажало дека некој друг е виновен за смртта на една кичевчанка. За адвокатот Мирослав Вуиќ ова пресуда е изречена врз основа на искази на двајца сведоци со прикриен идентитет. Вуиќ смета дека е крајно сериозно и опасно судските пресуди да почиваат само врз основа на она што ќе изјават ваквите сведоци. |