Литар бензин скокна на 80,5 денари
Најголемиот производител „Жито лукс“ веќе најавува поскапување на лебот
Маја Томиќ
Цената на домашните бензини соборува нови рекорди. Вредноста веќе ја надмина психолошката граница од 80 денари за литар. Во наредните 15 дена МБ-96 ќе се продава за 80,50 денари за литар, литар ЕУРОСУПЕР-95, наместо 75,50, ќе чини 77,50 денари, цената на ЕУРОСУПЕР-98, пак, се зголемува на 78,50 денари за литар. Додека дизелот, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е IV), од 74,50 денари поскапува на 76,00 денари за литар. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, од денеска малопродажните цени на бензините се повисоки за два денара, а на дизелот за еден и пол денар.
Од почетокот на годинава се' до вчера, на секои 15 дена, цената на домашните бензини е во постојан пораст како последица на нескротливиот раст на светската цена на суровата нафта. Цените на бензините во Македонија, како земја целосно зависна од увоз на деривати, се приспособуваат на светските трендови и тековно доживуваат корекции на секои две недели.
Наспроти реакциите на граѓаните поради се' поскапиот бензин, кој директно ги удира по стандардот, како и на транспортерите на кои значително им се зголемија трошоците во работењето и кои неодамна излегоа на протест поради тоа, досегашните изјави од владиниот кабинет беа дека се следи состојбата на светско ниво и дека доколку се оцени за потребно, ќе се интервенира.
Македонските транспортери пред три дена го ставија штрајкот во мирување, бидејќи Владата им вети дека на седница ќе разговара за проблемот со цените на бензините.
Во секој случај, корекции на данокот и на акцизите нема да има, туку се размислува за поевтинување на патарините за автомобилите, камионите, автобусите, намалување на цената за технички преглед на тешките товарни возила и поевтинување на трошоците на транспортерите по царинските терминали.
Од Министерството за финансии пред неколку дена обелоденија дека, врз основа на наплатата на ДДВ на дериватите, кое е 18 проценти, како и на акцизите, во првите три месеци од годинава во државната каса се слеале 26,5 милиони евра, што е за 32 отсто по��еќе од истиот квартал лани. Стопанствениците засега се без официјални реакции до Владата за мерки што ќе го амортизираат негативното влијание на цените на бензините. Дел од транспортните компании веќе ги зголемија цените на меѓуградските билети. Скопските таксисти пред неколку дена се откажаа од зголемување на цените на такси-услугите за да не се намали прометот уште повеќе. И од ЈСП најавија дека ќе ги коригираат цените на билетите, но се' уште не ја донеле конечната одлука.
Од „Жито лукс“, пак, пред последното поскапување на бензините најавија дека, доколку цената на дериватите и понатаму продолжи да расте, лебот неминовно ќе поскапи.
„Корекција сигурно ќе има, а кога точно ќе се случи тоа, не може да се каже моментно“, изјавија вчера од „Жито лукс“.
Инаку, вчера цената на нафтата се искачи на 137 долари за барел. Руски енергетски експерти прогнозираат дека до крајот на неделава нафтата ќе поскапи и до 145 долари за еден барел. Тоа значи дека е можно да се остварат црните прогнози дека до крајот на годинава цената на барел црно злато ќе достигне и до 200 долари.
|