Великаните нема да бидат заборавени
Зоран Шоров беше изоставен поради некомплетната документација
Списокот на добитниците на спортските пензии ќе биде дополнет со уште неколку познати имиња
Миодраг Мицковиќ
Првпат во долгогодишната историја на македонскиот спорт најдобрите спортисти, носители на медали од светските и европските првенства, олимписките и параолимписките игри ќе добијат доживотна пензија во износ од 1 до 1,5 просечна плата во Македонија или од 14.500 до 21.000, во зависност од освоениот медал. Тоа е одлука на Владата на Република Македонија за чија реализација и подготвување на списокот на спортските пензионери беше задолжена Агенцијата за млади и спорт во соработка со сите спортски федерации во нашата држава.
Критериумите за добивање спортска пензија подоцна беа проширени и на освојувачите на златните медали на светските и европски првенства во неолимписки спортови, како и за постигнатите резултати на меѓународен план во афирмација на македонскиот спорт.
На пригодната свеченост што се одржа пред неколку дена беа потпишани и доделени првите спортски пензии на најистакните македонски спортисти. Тоа беа одбојкарите Владимир Богоевски, Александар Тасевски и Горан Србиновски за освен бронзен медал на Европското првенство во Париз 1979 година, потоа освојувачите на олимписките медали - боксерите Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, борачите Шабан Сеидиу и Шабан Трстена, кошаркарите Благоја Георгиевски и Стојна Вангеловска, како и параолимпијците - стрелците Бранимир Јовановски и Ванчо Каранфилов. Меѓу првите спортски пензионери во нашата држава се најдоа и Дарко Панчев, освојувач на „Златната копачка“ како најдобар голгетер во Европа во сезоната 1991, и ракометарката Индира Кастратовиќ најдобар голгетер на Светското првенство во Германија 1999 година. Не беше заборавена и Атина Бојаџи, првата жена од Македонија и п��ранешна Југославија која го преплива Ла Манш и посмртно алпинистот Димитар Илиевски – Мурато, прв освојувач на Монт Еверест од Македонија.
Меѓутоа, на многумина им падна в очи зошто на тој список не се наоѓаа борачите Могамед Ибрагимов, единствениот спортист во независна Македонија, кој на нашата држава и' донесе олимписки медал од Сиднеј, потоа, исто така, борачот Валериј Верхушин, кој го освои бронзениот медал на Европското првенство во Будимпешта 1996 година, тоа беше исто така прв медал од европските шампионати во независна Македонија. Го немаше и сопственикот на два бронзени медала од европскипот шампионат во бокс, Вели Мумин, борачот Зоран Шоров, сопственик на бронзен и сребрен медал од европските првенства, шахистите Драгољуб Јаќимовиќ, Трајче Недев и Владимир Георгиев, кои на олимпијадите имаат освоено златен, сребрен и бронзен медал на своите табли.
Во Агенцијата за млади и спорт добивме одговор дека списокот на носителите на спортските пензии не е конечен и дека тој ќе биде дополнет со уште неколку имиња. Ибрагимов и Верхушин не се спорни, тие се наоѓаат на тој список, но најпрвин треба да допатуваат во Македонија за да ги потпишат договорите за пензии и ќе почнат веднаш да ги добиваат штом ќе ја завршат таа формалност. Вели Мумин моментално добива стипендија како спортист од меѓународен ранг исто како и стрелачката Нада Накова-Бикова. Штом и двајцата ќе престанат да се занимаваат со спортот и тие ќе се најдат меѓу носителите на спортските пензии. Дополнително на тој список ќе се најде и борачот Зоран Шоров, кој беше изоставен поради некомплетната документација, како и фудбалерот Милко Ѓуровски. Веќе во јануари, кога повторно ќе се состане комисијата за доделување на спортските пензии, и тие ќе можат да почнат да ја добиваат пензијата.
Според наше мислење, уште неколку спортисти заслужуваат да бидат меѓу овие спортски великани заслужни за пензија. Тоа се, пред се', ракометната судиска двојка Маријан и Драган Начевски, сигурно една од најпознатите во Европа, имаат бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј , бидејќи го судеа мечот за трето место меѓу женските репрезентации на Норвешка и Кореја, го судеа финалето на Светското првенство 2002 година меѓу Шведска и Германија, финалето на Европското првенство за жени 2004 година во Будимпешта меѓу Норвешка и Данска. Во својата богата судиска кариера беа судии на 11 финални мечеви во европските купови. Биланс за почит со кој не може да се пофали ниту еден македонски спортист. И сето тоа во самостојна Македонија.
Да не се заборави и пливачкиот маратонец Нико Нестор, единствен кој покрај Атина Бојаџи го има препливано Ла Манш, не само од Македонија, туку и од пливачите од поранешна Југославија, потоа алпинистот Глигор Делев, втор Македонец кој се искачил на Монт Еверест, човек со македонски пасош. |