Милан го понижи Удинезе, Јувентус остана зад петиците на Интер
„Росонерите“ го поразија тимот од Удине со 5:1, „старата дама“ подобра од Аталанта со 3:1
Бразилско шоу на „Сан Сиро“ за убедлива победа на Милан над Удинезе со 5:1 во последниот меч од 17. коло во италијанското фудбалско првенство. Дуелот беше решен уште во првото полувреме во кое „росонерите“ обезбедија предност од 4:1. По два погодока постигнаа Кака (13 мин. и 52 мин.) и Пато (4 мин. и 18 мин.), во листата на стрелци им се придружи и Кларенс Сидорф во 43 минута, почесниот гол за калчолигашот од Удине беше дело на Антонио Ди Натале во 17 минута.
Во Серија А следува зимска пауза поради Божиќните и Новогодишните празници, а фудбалските возбудувања на Апенините ќе продолжат на 11 јануари за кога е закажано 18 коло кое ќе ја донесе супер пресметката меѓу Рома и Милан на „Олимпико“. Составот на Карло Анчелоти ќе го дочека дербито со „римската волчица“ на третата позиција со 33 бода, девет помалку од градскиот ривал и лидер во шампионатот, Интер, но и со нетрпение од причина што за тогаш е најавено и дебито на Дејвид Бекам во Серија А. Заедно со сопругата Викторија тој беше во ложата на „Сан Сиро“ и го следеше мечот меѓу Милан и Удинезе, откако попладнето ја имаше и официјалната промоција како ново засилување на „црвено-црните“ од Милано. Бекам во Милан ќе настапува како позајмен фудбалер од тимот на Лос Анџелес Галакси и неговиот договор со „росонерите“ ќе трае до осми март кога Бекс ќе се врати во САД.
Зад петите на Интер останува тимот на Јувентус кој славеше на гостувањето против Аталанта со 3:1. „Старата дама“ немаше поголеми проблеми за да стигне до трите бода во Бергамо, а меѓу стрелците беше и капитенот Александар Дел Пјеро. Го постигна првиот гол во мечот во 30 минута, негов вкупно 20 во 2008 година што го прави најдобар голгетер во Серија А во оваа календарска година. Останатиот дел од работата го завршија Легроталје во 37 минута и Амаури во 82, Кристијан Виери погоди за домашниот тим во 48.
Тамам се помисли дека Рома ја напушти кризата и полека се враќа на позициите каде што и' е местото стигна демант од Сицилија. Катанија го приреди единственото изненадување во ова коло совладувајќи ја „римската волчица“ со 3:2. И не само што го загубија мечот туку римјаните го загубија и капитенот Франческо Тоти кој повторно се повреди и половина час игра мораше да го напушти тревникот. Очигледно тоа беше шок за неговите соиграчи кои во наредните 10 минути примија два гола. Прецизни беа Бајоко и Моримото кои ја одведоа Катанија со солидна предност на полувреме. По 10 минути игра во продолжението Моримото по втор пат се впиша во листата на стрелци за водство со 3:0 на тимот на предводен од Валтер Зенга. Рома тогаш тргна на се или ништо и преку Вучиниќ и Менез намали на 3:2, во последните 15 минути гостите направија се' за да го израмнат резултатот, но не успеаа во намерите.
Серија А, 17. коло
Резултати: Милан - Удинезе 5:1, Аталанта - Јувентус 1:3, Калјари - Реџина 1:1, Катанија - Рома 3:2, Киево - Џенова 0:1, Лече - Болоња 0:0, Сампдорија - Фиорентина 0:1, Торино - Наполи 1:0, Лацио - Палермо 1:0, Сиена - Инетр 1:2.
Табела: Интер 42, Јувентус 36, Милан 33, Фиорентина 32, Наполи 30, Џенова 29, Лацио 27, Катанија 25, Аталанта 24, Палермо 23, Рома 23 (-1), Удинезе 22, Калјари 21, Сампдорија 19 (-1), Сиена 19, Болоња 15, Торино 15, Лече 14, Реџина 13, Киево 9. |