Во катастар мора да се плати секоја промена во имотот
Билјана Ангеловска
Катастарот почна да ги расчистува сите промени на недвижниот имот, за што ги информира и граѓаните што имаат какви било движења на својот имот. И додека за Агенцијата за катастар на недвижен имот тоа е тековна работа, за граѓаните како гром од ведро небо доаѓа известувањето дека запишувањето на секоја промена треба да го платат од свој џеб.
„Добивме известување од Катастарот дека имаме хипотека на недвижен имот - куќа, на име на една од банките во земјава. Бидејќи кредитот е отплатен во 1984 година и не знаевме за што станува збор, прашавме во Катастар. Оттаму не' упатија во банката да ни издаде потврда дека немаме никакви долгови, па со таа потврда да уплатиме 500 денари за да може да се избрише хипотеката во Катастарот“, вели жител на Кочани, појаснувајќи дека во потврдата добиена од Катастарот буквално ништо не е појаснето, ниту што треба граѓаните да сторат, ниту каде да се обратат ниту, пак, е наведен каков било контакт со кој било одговорен во институцијата.
Ова не е единствен случај во Кочани. Тамошната канцеларија на Катастарот испратила над 1.700 вакви и слични писма. Чудно е што, барем во овој случај, станува збор за кредит отплатен пред 26 години. Како што појаснува овој кочанчанец, во имотниот лист што го вадел пред околу две години, немало хипотека. Тој не знае од каде сега произлезе ова, но граѓаните се сомневаат дека е најден добар начин да се собираат пари.
Kога ќе се пресмета дека само во Кочани 1.700 луѓе треба да платат по 500 денари, тогаш вкупната сума и не е занемарлива. Доколку, пак, слични случаи има и во останатите градови, тогаш мора да се признае дека, сепак, станува збор за прилично многу пари.
Граѓаните се прашуваат зошто се случуваат вакви проблеми и покрај бројните реформи што Агенцијата за катастар на недвижен имот ги спроведе во изминатиов период?
Од Катастарот објаснуваат дека нема ништо спорно во конкретниот случај. Имено, со одлука на Владата од пред околу две години се преземени интабулациските книги од судовите и податоците оттаму сега треба да се внесат во Катастарот. Притоа е утврдено дека носителот на правото на недвижен имот има пренесено заложно право, односно хипотека во корист на Стопанска банка од Кочани.
„Сите хипотеки мора да се пренесат во имотните листови. Потребно е граѓаните само да земат потврда од банката дека е исплатен кредитот и нема да има никаков проблем. Но, факт е дека граѓаните бараат права, а не сакаат да си ги исполнат своите обврски. Така и во конкретниот случај, луѓето требало да ја избришат хипотеката кога го исплатиле кредитот и немало да имаат никакви проблеми. Но, тие не го сториле тоа, па затоа хипотеката се провлекува толку долго“, велат од Катастарот.
Оттаму појаснуваат дека е среќа што овие граѓани имаат работа со банка што се' уште постои. Што ќе биде со оние што имале кредити од банки што во меѓувреме се згаснати, како тие ќе го решат проблемот? Во Катастарот не го знаат одговорот на ова прашање. Како што велат, нивна работа е да запишат сите промени во Катастарот на недвижен имот.
Што се однесува до цената што треба да ја платат граѓаните за да се направи корекцијата во имотниот лист, таа е одредена со тарифникот за услуги што ги извршува Катастарот, а е одобрен од Владата.
„Случајно дознав дека има грешка во мојот имотен лист, кога куќниот совет поднесуваше барање за откуп на дворното место на зградата. Ќе паднев во несвест кога видов дека станот ми е заведен со површина од 970 квадратни метри. Jас интервенирав и грешката беше исправена без да платам“, вели една скопјанка.
Сепак, останува недообјаснето зошто граѓаните навреме и од никого не се информирани за евентуални проблеми со имотните листови, туку се' е оставено сами да откријат по некоја случајност. Доколку имаат потреба да се обратат во Катастар за што било, тогаш лесно се утврдуваат проблемите, но во спротивно, нема како да дознаат. |