За исти пари помалку ќе не' лечат?
Министерот за здравство, Османи, вели дека сегашниот пакет е преобемен со оглед на средствата што се слеваат во здравствената каса
Јасмина Јовановска
Пакетот основни здравствени услуги што ги добиваат пациентите на товар на државата ќе се крати. Засега, Министерството за здравство не обелоденува што ќе се крати, но министерот Бујар Османи потврди дека сегашниот пакет е преобемен според тоа колку средства се слеваат во здравствената каса и мора да се менува системот на здравствено осигурување.
„Има два модела, еден пообемен, а другиот помал. Тоа е комплетно нов систем на здравствено осигурување, една темелна реформа на системот. Министерството само ги презентираше до Владата. Деновиве ќе ги презентирам двата модела пред јавноста со цел да се види и ставот на граѓаните што ќе биде најбитно во однос на реформирање на концептот“, потенцира Османи.
Новиот пакет здравствени услуги се подготвува со години. Секоја гарнитура како што ќе дојде во Министерството за здравство се зафаќа да го среди, но за кратко време се откажува да ги направи резовите во основните здравствени услуги поради стравот од социјален немир. Сега скратениот пакет, кој е една од главните реформи на оваа Влада, е финализиран, но не се открива. Според она што беше разоткриено, додека пакетот се анализираше, до јавноста стасаа информации дека ќе има ограничување на одредени испитувања, како и воведување на скалеста партиципација. Така, на пример, во пакетот за една година ќе може да се направи само една магнетна резонанца и најмногу две компјутерски томографии. Министерот Османи, засега, не открива детали и вели дека ќе ги соопшти откако пакетот ќе биде визиран од Владата.
Со пакетот здравствени услуги наскоро правна рамка ќе добијат и медицинските постапки за лекување разни болести, за кои пред два дена Министерството за здравство беше опоменато од Фондот за здравствено осигурување да побрза со нивното озаконување. За Министерството за здравство нема потреба од вакви јавни опомени и секој треба да си го знае своето место во здравствениот систем.
„На прв поглед барањето на Фондот изгледа како мешање во работата на Лекарската комора и Министерството за здравство. Поголемиот дел од протоколите што се донесени, односно ги има веќе над 40, се подготвуваат за објавување во ’Службен весник‘. Целта е да се гарантира и да се зголеми квалитетот на здравствената услуга. Тоа можеби ќе значи поголем трошок во одредени услови, бидејќи подразбира почитување на сите процедури и постапки, дијагностички и терапевтски за да се стигне до крајната цел“, изјави Османи. Тој нагласи дека медицинските упатства за лекување не треба да бидат алатка за штедење пари. „Погрешно е да се интерпретира од кој било дека протоколите за работа се алатка за штедење, бидејќи тоа е дел од Акцискиот план, односно сетот мерки промовирани пред една година“, изјави првиот лекар во државата.
Ова не е првпат Фондот да се меша во ингеренциите на Министерството за здравство. Фондот се мешаше за проширување на пози��ивната листа, за цените на лековите. Зад ваквото ривалство се зборува дека се крие натпреварот меѓу две институции пред Владата да се покажат кој повеќе знае и умее. „Сметаме дека не треба да постои ривалство меѓу двете институции, затоа што тоа е непродуктивно за остварување на заедничката цел - развој на здравствениот систем. Она што е добро е судир на конструктивни идеи и мислења за што МЗ отсекогаш било подготвено да учествува со свои аргументи, ставови и предлог-планови“, велат од Кабинетот на министерот. |