Пет илјади Роми собираат пластични шишиња за да преживеат
За да се добијат само 200 денари, потребни се многу шишиња со кои се полнат огромни вреќи
Снежана Калабакова
Во Македонија УСАИД инвестираше 1,3 милиони долари за започнување и одржување на системот за рециклирање. Во тој систем на собирање на ПЕТ-амбалажа работат околу 5 илјади лица, претежно Роми. Шеесетгодишната Зумбула Омерова и Аднан Реџеп се само дел од оние што вклучени во проектот за заштита на животната средина, но и за преживување на своите семејства. Тие се дел од едно речиси сточленото големо семејство, составено од девет фамилии Роми што две години живее во колибите покрај Вардар, близу полигонот за обука на возачи. На вчерашната промоција на системот за рециклирање под Кале, евроамбасадорот Ерван Фуере беше вџашен од условите во кои живеат овие Роми. Со него беа и министерот за животна средина, Неџати Јакупи, Мајкл Фриц, директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ од Скопје, Ракип Дочи. Тие изворно од собирачите на пластика можеа да чујат и да видат во какви услови живеат. Апелираа за помош од институциите.
Ромите што се вклучени во собирањето на пластична амбалажа по цел ден заедно со своите деца шетаат по градските контејнери и собираат шишиња. Велат, потребно е да се соберат многу шишиња за да се наполнат огромните вреќи за кои добиваат само 200 денари. Овие лица не користат социјална помош, имаат нарушено здравје, немаат лични документи, а нивните деца не одат на училиште. Некои од нив избегале од Шутка, затоа што таму има многу Роми што собираат пластична амбалажа, па тешко е било да се најде во контејнерите. Токму затоа сегашната локација им е попогодна, бидејќи крстарат низ централното градско подрачје и низ населбите Карпош и Влае. Сега, велат тие, нивната егзистенција ја загрозуваат луѓето што постојано им доаѓаат и им се закануваат дека ќе им ги урнат колибит��.
„Сакаат да не' урнат, а ние немаме каде да одиме. Минатиот пат не' урнаа и останавме на дождот. Се бориме за парче леб да им дадеме на нашите деца“, вели Аднан Реџеп.
„Денес, благодарение на инвестицијата на УСАИД, постои систем во кој работат околу 5 илјади граѓани, претежно Роми. И натаму УСАИД останува да го поддржува овој сектор, особено во креирањето на нови работни места“, рече Мајкл Фриц, директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија.
Евроабасадорот Ерван Фуере изрази благодарност за проектите на УСАИД и посочи дека тие им овозможуваат на семејствата да преживеат. „Навистина е шокантно е да се види дека една сточлена фамилија во близина на градот живее во тешка ситуација. Претставниците на институциите треба да знаат дека состојбата за живеење на овие луѓе треба да биде подобрена“, изјави Фуере. Министерот за животна средина, Неџати Јакупи, објасни дека Комисијата што ја разгледува проблематиката за ова што го работат Ромите, верува дека тие се едни од најбитните алки во синџирот за собирање и селектирање на отпадот и пакување. |