Слободата на медиумите падна за четири места
Очекувам дека од година на година ќе доживуваме се' поголем пад, вели Роберт Поповски, претседател на ЗНМ
Светлана Унковска
Македонија и натаму е рангирана како делумно слободна држава, се оценува во најновиот извештај на невладината „Фридом хаус“, која го следи движењето на слободата во 196 земји од светот. Според овој извештај, слободата на печатот во земјава за 2009 година е на 94. место, што од лани бележи пад за четири места. Во регионов Македонија единствено се наоѓа пред Косово и Босна и Херцеговина, кои се на 97., односно 108. место. Иако не треба да биде за утеха, организацијата забележува намалување на слободата на печатот низ целиот свет. Трендот на намалување на слободата на печатот во земјава од Здружението на новинарите очекуваат и натаму да паѓа поради се' позачестените притисоци и закани што ги добиваат новинарите од многу центри на моќ.
„Ние бележиме пад од четири места и очекува дека од година во година ќе доживуваме се' поголем пад. Ваква инфлација на притисоци и закани доаѓаат од сите страни од многу центри на моќ, но, исто така, и од обични граѓани што се закануваат дури и со физичка ликвидација на новинари. Ова е надвор од секаков елементарен демократски амбиент во една држава, во која за слобода на новинарството воопшто не може да стане збор“, вели Роберт Поповски, претседател на ЗНМ. Тој забележува дека и покрај сите укажувања, не се презема ништо да се ослободи новинарството од притисоците за да го добие своето вистинско место во општеството. Затоа, вели тој, наближува времето кога ќе го допреме дното.
„Не е никаква утеха што Косово и Босна и Херцеговина се зад нас на оваа листа. Жално е што од година во година тонеме се' повеќе. На македонските новинари им останува да се надминат себеси и да ги заборават суетите и меѓусебните обвинувања и организирани да застанат во одбрана на професија��а. Очигледно, тоа е единствениот начин како да го вратиме достоинството на нашата професија и нас како новинари“, истакнува Поповски.
Во извештајот на „Фридом хаус“, Србија е рангирана пред нас на 78. место, Црна Гора е на 80., а Хрватска на 85. место. Како најлоши на листата се Белорусија, Бурма, Куба, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Иран, Либија, Северна Кореја, Туркменистан и Узбекистан. Во овие земји, според оцените на „Фридом хаус“, независни медиуми или едвај може да работат или воопшто нема такви. Врвот на листата на земјите со најголема слобода на печатот и натаму ја држат земјите од Скандинавскиот Полуостров.
При оценувањето на медиумите и рангирањето на државите се земаат предвид прописите, според кои, се ограничуваат медиумските содржини, притисоците на власта врз уредувачката политика, заплашувањето на новинарите, но и сопственичката структура.
Извештајот наведува и дека состојбата со слободата на печатот се влошува веќе осум години, поради што се наведува дека само една шестина од светското население живее во земји каде што има слободни медиуми. Единствен регион каде што се забележува подобрување на состојбите е во азиско-пацифичкиот регион
„Оваа година на глобално ниво откривме уште една година на криза. Ова беше осма година едноподруго на глобален негативен тренд“, вели директорот на „Фридом хаус“, Кристофер Вокер.
Организацијата забележува дека лани продолжил трендот да се става Интернетот под државна контрола. Ова е особено карактеристично за Кина, Иран и за Казахстан. |