Сирачињата по 18. година ќе добиваат по 3.000 евра
Децата без родители кои живееле во установи, по нивното напуштање по 18. година место досегашните 300 евра ќе добиваат по 3.000 евра. Зголемувањето на вредноста на еднократната парична помошта е заради полесна адаптација на децата без родители надвор од дотогашното место на живеење. Ова е само една од измените во Законот за социјалната заштита, кои беа донесени на последната седница на Собранието, а со кои, меѓу другото, се поедноставуваат постапките и се намалуваат административните бариери за парична помош.
Со измените се предвидува и еднократна парична помош и за децата кои живеат со еден родител, како и тоа при стекнување на правото на социјална или постојана парична помош при пресметување на вкупните приходи на семејството да не се зема предвид еднократната парична помош за новороденче, родителскиот додаток за дете и законската издршка на дете.
На седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за работни односи, потребни за спроведување на концептот на бруто- плата.
Радмила Шекеринска од СДСМ забележа на честите измени на „работничкиот устав“ со кој постојано се намалуваат правата на работниците, а со новите измени предупреди дека работодавците ќе треба да дадат повеќе пари кои, секако, ќе ги земаат од вработените и тие ќе добијат помали плати. „За спроведување на овој концепт не се подготвени ниту институциите, ниту работодавците, а негативен став за него изнесоа и синдикатите“, истакна Шекеринска.
На ваквите забелешки реплицираше министерот за труд и социјална политика, Џелал Бајрами, кој истакна дека сите институции се максимално подготвени, но и дека со измените не се намалуваат правата на работниците, туку само се врши усогласување на овој закон за да може да се имплементира концептот на бруто-плата. (Ј.Ј.) |