Шведските предизвици наспроти македонските
Строго и без заобиколување за предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон Европската унија проговори шведскиот амбасадор во земјава, Ларс Фредер, заедно со амбасадорот на Мисијата на ЕУ за Македонија, Ерван Фуере, при вчерашното претставување на приоритетите на шведското претседателствување.
Додека Шведска ќе ја раководи комплексната ЕУ-машинерија при справување со економската криза, проблемите со невработеноста, климатските промени , како и ратификација на новата Лисабонска агенда, Македонија мора да се насочи на исполнување на поставените репери. Шведскиот амбасадор укажа дека единствениот начин на кој Македонија може да осигура позитивен извештај од Европската комисија е преку исполнување на реперите.
Македонија не смее да си дозволи негативен извештај и губење на шансата за датум за преговори, поради што уште еднаш беше нагласена потребата од спроведувањето реформи во судството и во јавната администрација. „ЕУ бара конкретни резултати, не само говори за големото значење на процесот на ЕУ-интеграција“, истакна Фуере.
Шведскиот амбасадор проблемот со Грција го категоризираше како одделна тема. Според Фредер, Македонија треба да се фокусира на работа на реперите, меѓутоа да биде внимателна околу спорот со Грција, бидејќи Советот на ЕУ веќе потсетил дека добрососедските односи и наоѓање решение за името, исто така, се од витално значење за интеграцијата на Македонија.
Амбасадорот укажа дека Македонија треба подобро да размисли за идните дипломатски одлуки, бидејќи самата држава ќе ги сноси политичките последици од тие одлуки. Регионална соработка и унапредување на добрососедските односи е еден од главните услови предвиден во Спогодбата за стабилизација и асоцијација. (М.П.) |