Виктор Јушченко ја нападна убавата Јулија Тимошенко
Никој веќе не може да ги смири поранешните блиски лидери на „портокаловата револуција“
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Вербалната војна меѓу претседателот и премиерката на Украина продолжи и вчера, што е само потврда дека никој веќе не може да ги смири поранешните блиски лидери на „портокаловата револуција“. Претседателот Виктор Јушченко и' одговори на „убавата Јулија“, која претходниот ден го нападна дека е учесник во големи малверзации со девизи. Тој ја нарече Јулија Тимошенко авантуристка „која се бори само за власт“.
Во изјавите пред ТВ-камерите Јушченко рече дека уште за време на претседателската изборна кампања во 2004 година граѓаните му поставувале прашање: зошто онаа крадливка е покрај вас. Наводно, тогаш Јушченко ги молел граѓаните да не донесуваат такви „пресуди“, бидејќи тоа може да го направи само суд.
„Таа беше со мене на Мајдан за време на ’портокаловата револуција’, но не затоа што сакаше да се бори за идеали. Таа стоеше бидејќи сакаше власт. Таа е авантурист во политиката, подготвена да задави се', бидејќи и' е потребна безгранична власт“, објасни Јушченко.
Претседателот на Украина ги демантираше обвиненијата на Јулија Тимошенко дека учествувал во малверзации со девизи. Јушченко смета дека Тимошенко на тој начин сака да ја префрли својата одговорност за пропустите во својата работа.
Сопственикот на банката Надра, Дмитриј Фиртиш, најави дека ќе ја тужи Јулија Тимошенко, која изјави преку телевизија дека неговата банка учествувала во малверзации со девизи. „Такви обвиненија можат да влијаат на понатамошната судбина на мојата банка, затоа морам да ја тужам Јулија Тимошенко“, рече Дмитриј Фиртиш. Јулија Тимошенко во една ТВ-емисија рече дека преку банката Надра, претседателот Виктор Јушченко, претседателот на Националната банка, Владимир Стељм��х, и раководителот на претседателската администрација, Виктор Балога, имале намера да „заработат“ дури 4,55 милијарди гривни. |