Индиски селани претепале 50 жени поради магија
РАИПУР - Индиската полиција вчера почна истрага по информациите дека селани во една племенска област во централна Индија претепале со стапови 50 жени откако ги обвиниле за практикување магии и им ја отсекле косата. Селаните реагирале по совет на локален духовен водач кој посочил дека нападот ќе ги заштити од зли духови, во планинската и сиромашна област на државата Чатисгарх, на околу 400 километри од главниот град Раипур, соопшти полицијата.
Секоја година во Индија се убиваат по десетина жени поради сомневање дека се вештерки или бајачки, каде што суеверието е многу распространето, особено во руралните области каде што нема ефикасен образовен систем. Иако е мал бројот на убиства во Чатисгарх, секоја година повеќе од 100 жени се малтретирани, натерани голи да шетаат и постојано напаѓани во државата, посочуваат официјалните лица.
„Полицијата почна истрага и испраша десетици селани кои беа на деветдневната церемонија за прочистување каде што со употреба на сила им ги отсекле косите на околу 50 жени за кои сметале дека се вештерки и, исто така, јавно ги претепале“, изјави Радешјам Најак, висок полициски офицер.
Во државата во 2005 година е донесен закон за спречување да се практикуваат магии со цел да се одговори на нагорниот тренд во ловот на вештерки, изрекувајќи затворски казни во времетраење до пет години за прекршителите иако се' уште се пријавуваат голем број вакви случаи. Главниот министер на Чатисгарх, Раман Синг, го нарече последниот напад „нечовечен, несреќен и срамен“ и побара од началникот на полицијата во државата да го истражи случајот, се наведува во соопштението. (Ројтерс) |