Белгија остана без влада по трет пат годинава
Владата падна поради тврдењата за политичко мешање во судски спор поврзан со спасување на белгиската банка Фортис
БРИСЕЛ - Белгија во саботата третпат годинава остана беа политичко лидерство, откако падна владата по неуспешниот обид да ја спаси финансиската група Фортис која е во криза.
Белгискиот крал Алберт се очекува да ја именува новата влада по разгледувањето на ситуацијата за време на викендот, но барем има една грижа помалку што би му пречела во донесувањето на одлуката. По понудената оставка на неговата администрација, Ив Летерм стави јасно на знаење дека не ја сака премиерската функција. Портпаролот изјави дека тој се концентрира на обелување на образот од секое сомнение дека нешто лошо е направено, што кружат околу него и неговата администрација. Владата падна поради тврдењата за политичко мешање во судски спор, поврзан со спасување на белгиската банка Фортис.
Политичкиот аналитичар Ерв де Гелинк изјави: „Во идеални услови, тие би почнале повторно со истите пет коалициони партии, потоа работите би се одвивале многу побрзо. Би било доволно едноставно да се сменат премиерот и министерот за правда. Ако вклучите и други, ќе треба повторно да преговарате околу составот на владата, а тоа би можело да потрае. Но, работите треба да добијат на брзина со обелоденувањето на повлекувањето на Летерм“.
Меѓу оние за кои се зборуваше како за премиери се две личности кои веќе претходно ја извршуваа оваа работа - Жан Лук Дехан, беше премиер до 1999 година, и Ги Верхофштат, фламански либерал кој минатиот декември беше избор на кралот кога напорите на Летерм за составување на коалиција беа неуспешни.
Без разлика кој ќе ја преземе оваа функција ќе наследи големи проблеми, не само политичка нестабилност, туку и економија во криза. Минатиот месец во Белгија беа забележани рекорден број на банкроти. Летерм во петоко�� ја понуди оставката на неговата влада по критичкиот извештај од страна на Врховниот суд кој најде знаци на политичко мешање за влијание врз судска одлука за иднината на една банка, жртва на кредитната криза.
Кралот Алберт кој, според Уставот, мора да одлучи дали ќе ја прифати оставката, разговараше со Летерм во текот на ноќта во палатата околу понудената оставка во петокот. „Ќе треба да утврдиме како да ја обезбедиме стабилноста во нашата земја, политичка стабилност што во моментов ја немаме“, рече министерот за финансии Дидие Рејндер.
Летерм беше на таа функција само девет месеци, како лидер на кревка петпартитна коалиција која имаше за цел да го олесни спорот меѓу лингвиситчките групи во Белгија што повторно ги разгоре шпекулациите дека 178 години старата држава би можела да се распадне.
Опозиционите партии бараат одржување нови парламентарни избори, иако аналитичарите се сомневаат дека владејачките партии во коалицијата на Летерм ќе сакаат да ги тестираат гласачите во момент кога Белгија се наоѓа во рецесија и кога сеќавањата за дебаклот на „Фортис“ се' уште се свежи.
Летерм ги негираше обвиненијата дека се обидел да влијае на Апелациониот суд кој минатата недела го поддржа обвинението од акционерите за поделба на банката предводена од државата, меѓутоа, призна дека заклучоците од Врховниот суд направиле неговата позиција да биде неодржлива. „Имам доверба во парламентарната истражна комисија што треба да биде формирана дека ќе ги обелодени фактите како што тие се случија и ќе ја утврди вистината“, изјави тој. Летерм првпат ја понуди својата оставка во јули откако не успеа да го надмине политичкиот ќор-сокак меѓу холандските и француските лингвистички групи во земјата, меѓутоа, тогаш кралот не ја прифати.
Пред една година кралот го врати поранешниот премиер Ги Верхофштат на чело на владата откако Летерм не успеа да формира коалиција по изборите што се одржаа во јуни. Во оваа пригода би му било потешко на Летерм да остане на власт, а аналитичарите сугерираат дека мала е веројатноста оти тој ќе формира нов кабинет. Неговата влада беше обвинета за влијание врз пресуда на апелационен суд во Брисел, кој минатата недела ја сопре поделбата на Фортис и делот продаден на француската „БНП Парибас“. Владата се' уште треба да го истурка пред парламентот клучниот договор за зајакнување на економијата, кој во голема мера се очекува да стапи во сила во четвртиот квартал. Таа, исто така, го има важниот Закон за плати кој чека одобрение и треба да изнајде начин за надминување на дебаклот околу „Фортис“, најголемиот работодавач во приватниот сектор во земјата.
Летерм дојде на власт во март по деветмесечна криза околу степенот на овластувања што требаше да им се доделат на белгиските региони, клучно барање на фламанските партии во кои се зборува на холандски. Тој доаѓа од област позната по поддршката за фламанската независност, но, сепак, ја има надминато лингвистичката поделба бидејќи мајка му е Фламанка, а татко му Валонец, и е симпатизер на Стандард од Лиеж, фудбалски клуб од француско говорно подрачје. (Ројтерс) |