Русите не му продаваат „С-300“ на Иран
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Претставници на руската компанија за извоз на воена техника „Рособоронекспорт“ вчера го смирија Израел со тврдењето дека Москва му продава на Техеран само одбранбени системи, па на тој начин не го нарушува односот на сили на Блискиот Исток. Нервозата во Израел ја предизвика изјавата на еден ирански раководител кој пред новинарите изјави дека Русија му продала на Техеран „системи ПВО“ со кои може „да се покријат“ атомските објекти на Иран од можни напади од воздух.
Во Израел се задоволни што Русија тврди дека не му продала на Израел системи „С-300“. Патем речено, во разговорите меѓу руските и израелските политичари едно од прашањата за кое речиси секогаш се разговара е и тоа дали „Рособороноекспорт“ му продал на Иран или на некоја друга земја во регионот системи „С-300“.
Тоа што Русија досега не им ги продала на Иран и на други земји во тој регион своите ефикасни ПВО- системи „С-300“ не значи дека тоа нема да го направи во блиска иднина. Русија веќе почна да ги произведува уште помодерните ПВО- системи „С-400“ и логично е дека овие веќе стари системи ќе им ги продава на оние кои се подготвени да платат. Користењето на системите „С-300“ не е едноставно, па секој што ќе ги купи ќе мора најмалку една година да ги обучува своите војници во Русија.
„Русија ги почитува меѓународните обврски и на Иран му продава само одбранбени системи. На Иран веќе му се доставени системите ’Тор М-1’“, се наведува во соопштението на „Рособоронекспорт“. Се додава дека во перспектива може да се расправа само со нарачателите на воена техника. Со системите „Тор М-1“, кои Иран веќе ги доби од Русите, може да се штитат важни објекти од напади од воздух. Разликата е во тоа што со „С-300“ може да се соборуваат авиони и ракети на трипати поголема оддалеченост во однос на „Тор“. Важно е и тоа колку Иран може да направи одбранбени прс��ени. Едно не е спорно, Иран сака да набави уште помодерна руска техника, не за да го нападне Израел, туку за да може да се заштити од можни напади од израелската и од американската армија. |