Се' уште „Бунарџик“ ја сонува инвестицијата на „Хаиер“
Агенцијата за странски инвестиции нема одговор што се случува со овој инвестициски проект, најавен уште летоска
Маја Томиќ
„Ќе ви се јавиме во текот на денот, можеби ќе бидете информирани од наша страна, а можеби ќе Ви се јават и директно од ’Хаиер‘ за да ве информираат што се случува со плановите околу нивната инвестиција. Вашето прашање е испратено до компанијата од каде што треба да ви дадат одговор“. Ова беше одговорот од Агенцијата за привлекување странски инвестиции, на нашето прашање, неколку пати поставено, до каде се работите со најавеното вложување на „Хаиер“ во економската зона „Бунарџик“. Очигледно во недостиг на информации, наместо оваа македонска агенција да ги пласира бараните податоци на домашните медиуми, таа ги упатува до потенцијалните странски компании. Молчи и Владата, која досега знаеше со многу помпа да ги најавува странските компании заинтересирани за влез во „Бунарџик“.
Инаку, на истото поставено прашање од „Утрински весник“ до Агенцијата пред околу два месеца, ни беше одговорено дека кон средината на октомври ќе дојдат претставници од „Хаиер“ за да преговараат со Владата, со цел да ги утврдат деталите околу почнувањето на инвестицискиот проект во земјава.
Помина и октомври, дојде и средината на ноември, но од овие инвеститори ниту трага ниту глас до денес. Зошто е тоа така? Дали можеби станува збор за откажување на инвестицијата? Од Агенцијата ниту потврдуваат ниту демантираат. Иако се најповикани за овие информации што се од интерес на јавноста, сепак, од нивна страна се' уште нема став.
Значи, останува неизвесноста околу инвестицијата, најавена поодамна, а која беше попрецизирана минатото лето. Имено, во јули годинава кинеската „Хаиер“ го раскина партнерството со јужнокорејската „Тривју“ за инвестирање во „Бунарџик“ во фабрика за производство на ЛЦД-телевизори и монитори. Информираа дека продолжуваат сами, без „Тривју“, односно дека не се откажуваат од проектот. Оттогаш досега не беше кажано нешто поконкретно, кога и како се стартува со реализацијата на инвестиција и не се пласираа некои нови информации.
Инаку, лани во октомври во „Бунарџик“ беше направена промоција на почетокот на заедничката инвестиција на „Хаиер“ и на „Тривју“, а вредноста се проценуваше на девет милиони евра. Беше најавен брз старт на ставање на темелите и почеток на производството во мај 2010 година, а притоа директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, изјави дека целата потребна документација за оваа инвестиција ќе биде завршена за три недели, по што ќе биде удрен и камен-темелникот.
Владата претходно, есента 2008 година, веќе имаше потпишано меморандум за разбирање со „Тривју“ , а кон средината на март 2009 година „Тривју“ и „Хаиер“ склучија заемен договор за инвестиција во „Бунарџик“. Според првичната верзија, „Хаиер“ и „Тривју“ требаше да закупат 7.300 квадратни метри од „Бунарџик“ и во почетокот да вработат околу 100 лица. |