За убавината никогаш нема криза
Храбрите го ш��рат бизнисот во време на криза
Александрија Стевковска Соња Маџовска
Жената никогаш не се откажува од својот кармин. Иако кризата не' принудува сите нас да трошиме помалку, да се откажеме од омилените нешта, сепак, она од што никој од нас не може да се откаже е убавината. За жените важи правилото дека попрво би се откажале од седнување во ресторан отколку од омилениот кармин, парфем, пудра. Тоа значи дека за козметичката индустрија кризата и не беше толку погубна, како за некои други сектори. „Како успеваме да продаваме козметика во време на криза, тешко, посебно скапа. Но, знаете што велат, скапата козметика никогаш не е скапа. Нејзиното постоење е најоправдано во криза, бидејќи позитивниот ефект врз кожата може да ви заштеди многу пари подоцна, кога ќе видите дека кожата е зачувана и здрава. Во спротивно, лошата козметика подоцна ќе бара дополнителни третмани за ревитализација и обновување. Во време на криза, многу е тешко да се опстои и да се контролираат финансиските текови, но ширењето на бизнисот е единствено можно во време на криза. Само тогаш може да се најде пригодна локација, може да се добие пониска кирија. Но, во сето тоа е најважно да се контролираат трошоците и движењето на парите“, вели Дејан Спасовски, мнозински сопственик на синџирот парфимерии „Шатци“. Тој не открива колку точно инвестирале за да станат денес лидер во парфимерискиот бизнис во Македонија, сепак, вели дека до пари доаѓаат нешто преку кредити, а нешто од сопствени извори. „На пример, двата партнера што ни се придружија и мене и на брат ми продадоа своја фирма и оттаму се обезбеди прилив на капитал за отворање нови луксузни парфимерии. Во нив инвестираа делумно и самите доставувачи што го гледаа својот интерес во присутноста во продажните објекти, посебно во нашиот најголем простор во центарот на градот, каде што се' е на свое место, бојата, персонализацијата на ѕидовите, оригиналниот мебел донесен од самите куќи што изложуваат тука, како што се ’Пако Рабан‘, ’Диор’“, објаснува Спасовски.
Според него, кризата не ги заобиколила и парфимериите, но потенцира дека тие нашле свој пат како да успеат и да се продаваат. Нивниот одговор на кризата е со подготовка на акции и сетови да им понудат на клиентите нешто што тие нема да можат да го одбијат. „Порано имаше помали и поскромни акции, со стока на која и' истекуваат роковите, а сега тие се помасовни и опфаќаат производи кои се со одлични рокови, па успеваме да функционираме“, вели тој. Инаку, приказната почетоците на „Шатци“ се од пред 12 години. „Првата парфимерија ’Шатци‘ ја отворивме на 11.11.1998 година во Тетово. Јас сум електроинженер, кој откако завршив со школувањето, немав работа. Со оглед на тоа дека тогаш се оженив и живеев во Буњаковец, кој во тоа време важеше за центар на козметиката, во разговор со еден од сопствениците на парфимериите, дојдов до идеја да отворам јас своја во Тетово, од каде што потекнувам. Овој потег се покажа како вистински. Во 2001 година добив партнер, мојот брат, по што почнавме да се шириме. Отворивме парфимерии во Гостивар, па неколку во Скопје, наредната ќе биде Битола“, вели Спасовски. Зборот „шатци“ на германски значи богатство, а нагалено се употребува како драга, мила. Мажите од семејството Спасовски, иако избрале типично женска професија, сега од нив и сопругите и клиентите ги добиваат најзначајните совети за козметиката. „Секој ден најмалку четири часа поминувам во продажба каде што имам директен контакт со потрошувачите и тоа е најголема школа за мене. „Истовремено, како директор за ’Живанши‘ во Македонија, а во земјава ги донесов и брендовите, како што се и ’Буржуа‘, ’Елизабет Арден‘, поради тоа што често патував во Париз, во срцето на козметиката, дополнително го оформив и надградив моето знаење, па сега имам доволно знаење на секоја жена да и' посочам што е добро и што и' одговара“, вели Спасовски. Жал му е зашто Македонците малку трошат на препаративна козметика, а повеќе одвојуваат за скапа облека или за декоративна козметика. Сепак, тој советува дека е најважен кремот, бидејќи е основа за се' што потоа се нанесува на кожата. Па затоа препорачува. „Може да купите евтино карминче или моливче, но не смее да се штеди на добар крем. Колку за споредба, ретинолот во кремот на ’Елизабет Арден‘ или на ’Есте Лаудер“ е стабилен осум часа, додека во поевтините кремови тој е стабилен само две минути. Сакаме да ја промениме навиката на потрошувачите - наместо да купуваат во фришопови, каде што поради брзање често прават грешки, да купуваат во земјава“, прецизира мнозинскиот сопственик на „Шатци“.
Козметичката индустрија во петта брзина низ кризата
Откога официјално е објавен почетокот на светската економска криза, продажбата на козметички производи во САД пораснала за 10 отсто.
А лани Западна Европа забележала незначителен пад од 10 отсто и тоа го потврдуваат многубројни познати брендови. Но, нема зима за скапите брендови. Имено, тие се пропезнатливи и во самиот врв и како такви го пронаоѓаат патот до купувачите и во криза. Парадоксално, кризата многу повеќе ја почувствува мас-производството, бидејќи тој слој луѓе беа најпогодени од кризата. Сепак, и козметичката елита го модификуваше пристапот до купувачите, па често се наоѓаат луксузни производи по пристапни цени, што до лани беше незамисливо. |