Полицаец пред отказ по кражбата во ПС „Ѓорче Петров“
Лоцирана е вина кај полицискиот службеник и против него веќе е поднесена постапка за отказно решение. Ова го најави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по кражбата во полициската станица во Ѓорче Петров извршена во неделата. Јанкулоска рече дека е несфатливо крадци да оперираат во полициски станици, но смета дека нема потреба од засилени мерки на безбедност, особено затоа што вината била кај нивниот вработен.
Кражбата во две продолженија се случи во неделата околу 20,30 часот кога четворица малолетници на возраст од 13 до 15 години ја искинале жицата од оградата и влегле во дворот, од каде што украле еден мотоцикл. Потоа, како што соопшти СВР - Скопје, го однеле кај 18-годишник и го размонтирале, зачувувајќи еден дел, а другиот го фрлиле во Вардар. Поттикнати со уште едно момче од 15 години, малолетниците се вратиле во полициската станица и на ист начин украле уште еден скутер. Веројатно исплашени, скутерот го фрлиле во Вардар и побегнале.
Малолетниците набргу биле приведени и против нив ќе биде поднесена пријава за тешка кражба. Осумнаесетгодишникот, најверојатно, ќе одговара за прикривање. Каде биле полицајците и како дозволиле да им се краде во дворот, останува нејасно. Секторот за внатрешна контрола при МВР ја лоцира вината кај еден од нив. (Г.А.) |