Бендевска и Коњановски повторно во судница
Криминалот во РЕК да не се поврзува со спорот, одлучи судот во Битола
БИТОЛА - Коњановски и Бендевска повторно се сретнаа во судница. Судот во Битола одлучи истрагата за злоупотребите на 12 раководители од РЕК „Битола“ да не се поврзува со приватната тужба во која ексдиректорот на РЕК, Зоран Коњановски, ја обвинува пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска за клевета. Ова се случи откако обвинетата Бендевска сакаше истрагата на битолската полиција за криминалот во комбинатот додека директоруваше Коњановски да го предочи во својата одбрана. Каков ќе биде исходот од судскиот спор меѓу Бендевска и Коњановки, кој со внимание го следи јавноста, ќе се знае на 30 ноември за кога се најавува пресудата.
Пратеничката седна на обвинителна клупа откако на прес-конференција за време на предизборната кампања во 2008 година зборуваше за неславните рекорди на Коњановски во потрошен мазут, во партиски вработувања, по хаварии... додека тој беше на чело на РЕК „Битола“. Бендевска, со првата одлука на Основниот суд, требаше на Коњановски да му исплати оштета од близу 11 илјади евра за клевета. По нејзината жалба, Апелација повторно го врати предметот пред првостепениот суд.
„И јавноста е заинтересирана како тоа Коњановски не знаел што правеле 12 високопозиционирани раководители во комбинатот, кои директно одговараа пред него како генерален директор. ОЈО поведува постапки против нив,бидејќи менувале одлуки, фалсификувале документи, ама за тоа Коњановски не знаел, а морал да знае. Но, судијата не дозволи тие прашања да бидат проследени и на нив да одговара Коњановски“, изјави Бендевска на вчерашното рочиште во Битола.
Министерот Коњановски вчера одговараше на прашањата на Бендевска и на нејзината одбрана. За него најголема навреда било што Бендевска за него употребила термин „рекордер“. Притоа во очи и' кажа на пратеничката дека не ја тужи за испадите, за хавариите и дефектите во РЕК за кои зборувала на пресот, туку тужбата била токму поради „рекордите“. Според Коњановски, ниту еден медиум не спомнал дека е рекордер во неславно работење.
„Веројатно, тужената политички сакаше да поврзе неколку нови работи и да го искомпромитира она за што јас се залагав во мојата приватна тужба против неа. Демантирам дека во РЕК имало партиски вработувања, хаварии, дека сум бил рекордер по потрошувачка на мазут“, истакна министерот за одбрана. По тврдењето на Коњановски дека со изнесените невистини против него од Бендевска претрпел голема душевна болка, за што бараше од тужената оштета од неколку десетици илјади евра, вчера пред судот се изјасни дека се чувствува одлично.
Пратеничката на СДСМ се' уште се соочува со проблемот околу достапноста на информации од јавен карактер што и' се потребни во одбраната.
„Не можам да ги добијам потребните податоци од надлежните институции, како што се ЕЛЕМ, МЕПСО... Дел ми дадоа, а други не се достапни. Државниот завод за ревизија нема одговор од кога не е испитано финансиското работење на овие државни компании“, рече Бендевска. (А.Б.) |