Холивудскиот филм „Лудо срце“ го отвора Карлови Вари
Во главната програма единствен претставник од Балканот е Рајко Грлиќ и неговиот нов филм „Нека остане меѓу нас“
Сунчица Уневска
Денеска со холивудскиот филм „Лудо срце“, кој на Џеф Бриџис му донесе „Оскар“, се отвора 45. издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка (од 2 до 10 јули). Факт е дека ваквиот избор за овој Фестивал, посветен на европскиот филм, е навистина многу необичен, но последниве години Карлови Вари се' повеќе се отвора или затвора со филмови во кои играат или кои има можност да донесат ѕвезди. Изборот на овој филм за отворањето сигурно ќе привлече големо внимание, иако нема да го донесе Џеф Бриџис. Но, најавено е доаѓањето на режисерот Скот Купер, кој е познат како актер и сценарист, а на кого овој филм, кој освои два „оскара“ (вториот е за музика), му е режисерско деби.
А инаку, најавените ѕвезди на годинешното издание на фестивалот се Џуд Лоу и Никита Михалков. Холивудскиот актер Џуд Лоу ќе ја прими Специјалната награда на претседателот на фестивалот, а во таа чест ќе биде прикажан филмот од 1999 „Талентираниот господин Рипли“, кој на Лоу му донесе номинација за „Оскар“. Додека легендарниот руски режисер и актер Никита Михалков ќе добие „Кристален глобус“ за исклучителен придонес кон светскиот филм. Михалков досега беше два пати во Карлови Вари со филмовите „Сибирскиот берберин„ и со „12“, а годинава по повод наградата ќе биде прикажан неговиот нов амбициозен проект „Лажливо сонце 2: Егзодус“.
Што се однесува до филмската програма, фестивалот во Карлови Вари како и секоја година има навистина извонредна и разновидна понуда на најновите филмски остварувања, распоредени во повеќе од 15 програми. Годинава ќе бидат прикажани вкупно 204 филма, од кои 15 ќе имаат светска премиера, 28 интернационална и 10 ќе бидат европски премиери. Во главната програма има 12 филма, од кои осум доаѓаат од европските земји. Од Балканот во главната програма има само еден филм, а тоа е новото остварување на Рајко Грлиќ „Нека остане меѓу нас“, во кој главна улога игра Мики Манојловиќ.
Она што ја одликува главната програма оваа година е еден многу провокативен и необичен избор на филмови, кои имаат силни и навистина несекојдневни теми. Така, во трката за „Кристален глобус“ е и чешкиот филм „Три сезони во пекол“ на Томаш Машин, кој е инспириран од автобиографијата на левичарскиот андерграунд гуру Егон Бонди. Овој, како што велат, уметнички ретро-филм веќе освои три чешки „лава“ за камера, звук и за најдобра улога. Потоа, во конкуренција е и полскиот „Мајка Тереза на мачките“ на Паве�� Сала, кој ги реконструира настаните што пред неколку години ја шокирале Полска. Овој филм поставува прашања за постоењето на ирационалното зло денес, и за тоа дали тоа расте надвор од семејните релации или е одговор на извртените вредности денес.
Со отуѓување и осаменост се занимаваат рускиот филм „Друго небо“ на Дмитри Мамулија, иранскиот „Има работи кои не ги знаеш“ на Фардин Сахеб-Замани, како и шпанскиот „Мрежа на комарци“ на Агусти Вила. Во главната селекција се и филмови од Франција, Белгија, од Аргентина, Канада и Кина. Овде уште ќе го издвоиме белгискиот филм на Фредерик Сојхер „Хитлер во Холивуд“, кој се занимава со долго скриената вистина за европското кино. Она што е интересно е дека во оваа посвета на филмот се појавуваат многу познати режисери и актери, а инаку филмот е направен како био-документарен за француската актерка Мишелин Пресл, која денеска има 88 години. Пресл е своевидна икона на филмот која има играно кај легендарните автори, како Георг Пабст, Фриц Ланг, Жак Ривет, Ален Ресне и која се памети по неколку култни наслови, меѓу кои и „Ѓавол во телото“ од 1947, кој беше шокантен за тоа време со својот неконвенционален пристап кон моралноста.
Фестивалот во Карлови Вари има три главни програми, односно покрај споменатата главна селекција во рамките на која се доделуваат „Кристални глобуси“, тука се и „Источно од Запад“ и Програмата на документарни филмови. За нас е особено важна програмата „Источно од Запад“, во која изминатите години Македонија имаше неколку свои претставувања. Годинава, за жал, немаме филм, но имаме претставник во жирито на критиката Фипресци, Благоја Куновски. Во конкуренцијата во оваа програма во која се десет филма, застапени се: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија, Естонија, Ерменија, Азербејџан. Она што ги карактеризира сите овие филмови годинава се темите, што главно се занимаваат со денешните судбини на своите протагонисти, кои се обидуваат да се најдат себеси во своите сосем променети земји.
Особина на фестивалот во Карлови Вари е и понудата на филмови во програмите: „Форум на независни“, „Поинаков поглед“, „Отворени очи“ и „Хоризонти“, низ кои овој фестивал прави одличен преглед на остварувањата кои имаат друг пристап, кои се смели, поразлични и кои отвораат сосем нови хоризонти. Со ваквиот преглед и со својот неконвенционален и отворен пристап, овој фестивал успева секоја година да привлече огромен број млади и да направи навистина особена атмосфера.
Жирито кое годинава ќе ги додели главните награди го предводи американскиот филмски продуцент Рон Јеркса, кој е познат по својата соработка со Стивен Содерберг, Александар Пејн, Ентони Мингела, а тој го продуцираше и успешниот независен филм „Малата мис Саншајн“. Меѓу членовите е и српската актерка Мирјана Карановиќ, како и моментно најреномираниот чешки режисер Бодан Слама, потоа режисерот од Јужна Кореја, Ли Чанг-Донг и од Русија, Алексеј Попогребски.
И на крајот само да кажеме дека Карлови Вари пред самиот почеток на фестивалот објави и едно изненадување за гледачите. Станува збор за премиерата на новиот филм на Џејмс Менголд, романтичната комедија „Витезот и денот“ со Том Круз и Камерон Дијаз. Том Круз е таен агент, кој заедно со прекрасната Џун ќе тргне во едно авантуристичко патување околу светот. |