МАНУ одржа научен собир за свети Наум во Охрид
Со одбележувањето на 1.100 години од упокојувањето на свети Наум Охридски, почна со работа охридскиот клон на МАНУ
Невена Поповска
„Денешниот ден е почеток на настан што има историска димензија. Од денеска почнува да живее клонот или разгранокот на МАНУ во Охрид, посветен на истражувањето на овој, можеби најзначаен средишен центар на македонската и словенската, па дури и светската култура“, истакна претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов на свечениот собир посветен на 1100 годишнината од упокојувањето на свети Наум Охридски Чудотворец. „Овде, продолжи Старделов, во овој прекрасен дом ќе се одржуваат средби на сите балкански академии. Тој е замислен како ново културно средиште, аналогно на она што значеше Охрид на крајот на 9 и почетокот на 10 век. Овде очекуваме да дојде до историски средби на науката на балканските академии, на кои академиците од регионот ќе ги програмираат заедничките проекти, кои се од исклучително значење за овој регион, оттаму што балканската вистина е повеќестрана и секоја култура си има своја сопствена вистина кон неа. Тука ќе се гради една нова културна балканска стратегија, во која науката ќе биде во централен план, кога се дискутираат контроверзните прашања од историјата на балканските народи“.
Во продолжение осврнувајќи се на функцијата што охридскиот клон на МАНУ ќе ја има во иднина, Старделов рече: „Ова ќе биде средиште на науката, подалеку од политиката, а поблиску до историските, вистинските научни вредности, кои можат да овозможат еден нов пробив во расветлувањето на контроверзните прашања меѓу балканските народи, за еден историски плурализам во истражувањето на нашето заедничко минато“.
Зборувајќи за јубилејниот настан и годишнината од упокојувањето на свети Наум Охридски Чудотворец, академик Старделов меѓу другото рече дека „слободно може да се каже дека Македонија не била духовна европска периферија, туку средиште на нови и епохални старословенски црковни, културни и уметнички процеси, од кои зрачеле и се распространувале ширум сиот словенски и европски свет, нови букви, нова хагеографија, нови ликовни, градителски и музички идеи, што потоа се вознеле во грандиозни епохални уметнички изблици, кои се вбројуваат во редот на најважните паметници на старословенската црковна уметност воопшто“.
За животот и делото на Свети Наум говореа и академик Петар Хр. Илиевски, на тема „Св. Наум ревносен следбеник на словенските првоучители и храбар заштитник на нивното дело“, и академик Цветан Грозданов, на тема „Св. Наум во живописот на Југои��точна Европа“.
„Ретки се народите што одбележуваат милениумски јубилеи за свои заслужни личности, истакна академик Илиевски. Ние не можеме да се пожалиме дека ни недостигаат такви. Свети Наум е еден од тие. Рамен по подвизи и на Свети Климент, дури и на Свети Кирил, Свети Наум заслужува еднаква чест и слава. Неговиот култ е раширен меѓу сите балкански народи, независно од етничка и верска припадност“.
Говорејќи за животописот на Свети Наум во Југоисточна Европа, академик Грозданов пред присутните ја пренесе неговата лична возбуда што во текот на 50 години научна работа не успеал да најде портрет на Свети Наум во Охрид, до пред 14 век. Меѓу другото, резултат на неговите истражувања е податокот дека свети Наум не припаѓа на охридската, туку на девонската епархија. |