„Магор“ слави четири години постоење
Издавачката куќа „Магор“, вечерва, со почеток во 21 часот, ќе прослави четири години постоење на кафе-книжарницата. По овој повод, од денеска почнува големо намаление на сите изданија на „Магор“ што ќе трае до 20 јули. Секој кој ќе купи книга ќе има во истиот момент 10 проценти попуст на секој пијалок во кафе-книжарницата „Магор“.
Големата прослава ќе почне со настап на групата „Калевала“, во чиј состав музицираат: Јасна Николовска-Овчаровска - вокал, Владимир Овчаровски - соло акустична гитара и Горан Спасевски - ритам гитара, џембе, на која се очекува да присуствуваат авторите на „Магор“, како и бројните читатели и посетители на кафе-книжарница.
Во своето четиригодишно постоење, кафе-книжарницата „Магор“ има голем удел во збогатување на културниот живот на градот. Досега во овој простор се одржале многу читања, и тоа како редовните читања на хаику поезија еднаш месечно, читања на кои гостувале значајни светски автори, како читањето што се одржа во организација на СВП во кое учествуваа поетите-гости на „Струшките вечери на поезијата“, читањата на кои гостуваа: Бања Нацуиши, Зузана Гаше, Диадре Оконор итн., потоа многу промоции на книги, како на изданијата на „Магор“, така и на изданија на други издавачи и разни културни институции, настапите на македонските значајни џез музичари, како Тони Китановски, Георги Шарески, Симон Киселички, Дамир Имери и многу други, изложби на фотографии, изведба на монодрами, видео-проекции на значајни концерти итн. (Н.П.) |