Рокот се ближи, фирмите уште неподготвени за ХАСАП
Македонските компании се' уште не се подготвени за примена на ХАСАП-системот, што од 1 мај е и законска обврска, оценуваат експертите. Според нив, основна причина за тоа се неинформираноста и ставот дека воведувањето безбедносни стандарди е трошок, а не долгорочна добивка.
„По 1 мај или од 1 септември, според Законот за јавно ветеринарно здравство, ќе се знае точно колку фирми го имплементирале системот за безбедност на храна. Засега официјална статистика не постои. Најчесто посочуваните проценти, три, пет или 10 отсто - се шпекулации“, изјави Владимир Какуринов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Според него, примената на стандардите треба да се сфати исклучиво како бенефит. „Добивката од воведувањето стандарди е повеќекратна. Имено, се зголемуваат профитабилноста на компаниите и ефикасноста на работењето, се отвораат нови пазари, а се заштитуваат и потрошувачите. Ништо не може да се промени преку ноќ. Мора да се работи на подобра информираност на сите нивоа, на квалитетни анализи од аспект на потребите на секое претпријатие одделно и на структурирање на државните органи што ќе вршат контрола на целиот систем“, посочи Какуринов.
Подигнувањето на свеста од воведувањето стандарди за безбедност на храна е целта и на брошурата „Системи/стандарди за безбедност на храна“, што ја изготви Агенцијата за поддршка на претприемаштвото. „Идејата е што поголем број претпријатија да станат поконкурентни и извозно ориентирани“, истакна Игор Николовски, менаџер на проектот . (Ек.Р.) |