Екстра-приходите ќе се пријавуваат до 16 март
Бидејќи крајниот рок за поднесување на даночните пријави 15 март 2009 година е неработен ден, како и поради зголемен број пријави кои се очекува дека ќе се поднесуваат во наредните денови, УЈП за еден ден го пролонгираше рокот за прибирање на пријавите.
Имено, од Управата за јаљвни приходи информираат дека прием на годишните даночни пријави ќе се врши и на 14 март (сабота) и на 16 март (понеделник) во сите даночни канцеларии на УЈП низ Македонија.
Граѓаните, како даночни обврзници на персонален данок на доход, имаат обврска приходите што ги оствариле во текот на 2008 година да ги пријават во Управата за јавни приходи, со задолжително поднесување Годишна даночна пријава.
Овие пријави треба да се достават во даночните канцеларии на Управата за јавни приходи или преку пошта.
Поднесувањето и приемот на годишните даночни пријави во Скопје се врши и во новоотворениот Контакт-центар на Управата за јавни приходи, лоциран во Градски трговски центар.
Услугите на приемната канцеларија се достапни секој ден од 9 до 20 часот, освен недела. Граѓаните кои не се со место на живеење во Скопје, но живеат и работат во него, може да ги поднесат ГДП во Контакт-центарот. (А.С.) |