Банките не ги користат парите од ЕИБ
Брисел - Домашните или филијалите на странските банки во Западен Балкан не ги повлекуваат, ниту користат голем дел од расположливите средства на Европската инвестициона банка. Ова во Брисел го изјави претседателот на банката, Филип Мејстат, кој го претстави годишниот извештај на банката за 2008, и потсети дека ЕИБ за периодот од 2007 до 2013 година предвидела 8,7 милијарди евра за финансирање на проекти во ЈИЕ. Според него, станува збор за средства кои би можеле да се искористат, особено во финансиско-економска криза, и оти банката се обидува да разјасни зошто овие пари, толку потребни за регионот, не се користат. Соработниците на директорот на ЕИБ изјавија дека неискористените средства изнесуваат околу пет милијарди евра и наведоа дека со секоја од банките ангажирани во Западен Балкан ќе се обидат да ги утврдат причините за некористење на овие расположливи средства. Претпоставките се дека банките, поради непредвидливи околности во криза, не сакаат да одобруваат кредити, како и тоа дека малите и средни фирми не се впуштаат во ризици на инвестирање
или финансирање со кредити. (Макфакс) |