Одбиени речиси сите амандмани за енергетика на опозицијата
Амандманите на опозицијата за Предлог- буџетот за 2009 година, кои првпат место во Собранието беа разгледувани на саботната седница на Комисијата за финансирање и буџет, речиси сите беа одбиени. Комисијата разгледа вкупно 28 од поднесените 204 амандмани, од кои најголемиот дел се однесуваат на енергетски решенија и инвестиции во енергетиката.
Пратениците од Социјалдемократскиот сојуз најмногу реагираа на неприфаќањето на амандманите со кои тие бараа во буџетот да се предвидат средства за изградба и санација на енергетските ресурси.
Министерството за финансии не го прифати ниту амандманот на СДСМ со кој се бараше во буџетот да се издвојат пари за учество на Македонија во набавката на струја од бугарската нуклеарна централа „Белене“. Заменик -министерот за финансии, Недим Ремзи, во образложението објасни дека за идната година ЕЛЕМ ќе вложит во енергетскиот систем пари од сопствените приходи, а ако е потребно и од кредити.
На ова реагираше Радмила Шекеринска-Јанковска, која укажа како може нула денари да има за енергетскиот сектор и Владата да се правда дека не може да инвестира во ЕЛЕМ зашто е акционерско друштво. „Како тогаш инвестираше во ГТЦ , па и тоа е акционерско друштво“, додаде Шекеринска.
Парламентарното мнозинство побара буџетот за 2009 година да не се крои со амандмани, туку со крупни буџетски зафати. Министерот за финансии, Трајко Славески, истакна дека приоритет за наредната година е набавка на опрема за експлоатација на јаглен и изградба на хидроцентралата „Св.Петка“.
Усвоени беа амандманите со кои македонската информативна агенција МИА доби средства за отворање претставништва во Брисел и во Вашингтон. Со дополнителни пари од буџетот ќе се уредуваат и повеќе простории во Собранието, меѓу кои и салата во која се одржа седницата на ресорната комисија. (Ј.Ј.)
|