Кризата ќе ги намали инвестициите во туризмот
Во владините мерки за намалување на последиците од светската криза го нема туризмот
СТРУГА - Светската финансиска криза засега нема да влијае врз туризмот во Македонија, но во наредната сезона веројатно ќе се намали посетеноста на странските туристи. Ова е оцена на дел од туристичките работници кои викендов во Струга учествуваа на првото Годишно собрание на Стопанската комора за туризам. Тие на подолг рок и во другите сектори очекуваат помало интересирање на странците за вложување во туризмот.
„Сигурно ќе се почувствува влијанието на светската финансиска криза, но не веднаш. Сега сме на крајот од годината и би било несериозно да се прават процени за посетеноста, зашто 80 отсто од капацитетите само во Охрид се веќе продадени. Ние сме мал пазар, а попрецизни процени се можни по одржувањето на туристичката берза во Охрид кога веќе ќе се знае кој ќе дојде во Македонија идното лето “, вели Перо Јакимов, од Туристичката агенција „Генералтурист 2000“.
Во владините мерки за намалување на последиците од светската финансиска криза го нема туризмот. Од Стопанската комора за туризам велат дека треба брзо да почне процесот на субвенционирање за туроператорите кои носат странски гости. Така делумно би му се помогнало на туризмот како важна стопанска гранка.
„Ние направивме посебна програма за субвенционирање на оние што носат странски туристи. Тоа е девизен прилив што не треба да се потценува. Агенциите треба да добијат помош и да имаме пониски цени, конкурентни на туристичкиот пазар. Се надеваме дека тоа Владата ќе го прифати тоа“, вели Емил Димитриевски, претседател на Стопанската комора за туризам.
Македонскиот туризам својата шанса за развој ја гледа во нови инвестиции со влегување на моќни хотелиерски брендови и развој на домашниот алтернативен туризам.
Експертите сметаат дека кризата ќе има негативно влијание особено кај домашното инвестирање во развој на алтернативниот, а особено руралниот туризам. Ќе поскапи кредитирањето со што малите инвеститори ќе се откажат од развојните планови. Според нив, пребродувањето на ударите од светската криза во туризмот ќе зависи од поголемата искористеност на капацитетите и субвенционирани аранжмани кои ќе бидат конкурентни на странските туристички пазари, а особено во земјите од регионот. (С.И.) |