Фабриката „Колска“ не се продава
ВЕЛЕС - По двата неуспешни тендера за продажба на велешката фабрика за шински возила „Колска“, Владата не планира повторно да ја продава.
„Таква одлука не сме донеле, ако биде донесена, ќе ве информираме“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, при посетата на единствената фабрика за сервисирање на возовите на „Македонски железници“ во државава.
Тој ја посети фабриката за да види какви се условите за работа и дали има капацитет да реновира триесет патнички вагони. Министерот смета дека ќе се обезбеди доволно работа за „Колска“ чии вработени се жалат на ниски плати и лоши услови за работа.
„Фабриката мора интензивно да работи. Повеќе да се мисли на работа отколку на штрајкови“, им порача Јанакиески на работниците. Тој не се сретна со синдикалците кои бараат да им бидат исплатени трите заостанати плати и придонеси. Јанакиески рече дека добил уверување од директорката дека до Божик ќе им бидат дадени две плати, а во текот на следната година и последната.
„За нас најголемото ветување е дека ќе имаме работа. Немавме работа во патничкиот дел лани, а половина од луѓето се вработени таму. По ова ќе има можност да бараме нови 15 луѓе“, нагласи Фани Стојановска, управителка на „Колска“.
Јанакиески најави дека државата ќе вложи два милиона евра за подобрување на условите во железничкиот сообраќај и ќе набави 50 нови вагони и локомотиви за да се забрза превозот на патници и стоки. (С.Ќ.Н.)
|