Кавказ - татковина на руската мафија
Вистинските руски модерни мафијаши не пукаат, туку се возат со приватни авиони и во скапи јахти
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Еден од лидерите на руската мафија, криминалниот авторитет Аслан Усојан, попознат по прекарот Дедо Хасан (73), беше уапсен на аеродромот „Бориспољ“ во Киев, во вторникот, поради фалсификуван пасош. Истата вечер украинската полиција го врати во Москва од каде што тој дојде. Агенциите јавија дека Дедо Хасан пристигнал во Киев за да смири две ерменски бандитски групи. Освен што е депортиран, Усојан не може да влезе ниту во Украина во следните пет години, бидејќи се смета дека во моментов е највлијателниот криминалец во Русија. Тој беше најблизок соработник на познатиот Вјачеслав Ивањков, попознат како Јапончик, кој беше убиен минатата година во Москва.
По добро координирана голема полициска акција што неодамна е спроведена во Шпанија под името „Јава“, а потоа и во Германија, Австрија, Швајцарија, Франција и во Италија под името „Тројка“, голем број весници во Европа објавија дека се уапсени првите луѓе на „руската мафија“, што сега живеат и работат во земјите на стариот континент.
Дури откако беа објавени имињата на 24 уапсени во Шпанија, а потоа и на 69 во другите европски земји, стана јасно дека лисици на рацете им се ставени, главно, на Грузијци.
По распаѓањето на СССР често се пишуваше за „преселба на руската мафија“ на Запад. Оној дел од мафијашите што по националност беа Евреи најлесно добија визи, а потоа и пасоши од Израел, САД и од други земји. По нив тргнаа и многу други. Купувајќи недвижен имот на Запад добиваа и „документи“. Полицијата во Шпанија со месеци ги следеше мафијашите и утврди дека некои се занимаваат со перење пари, други тргуваат со наркотици и со оружје, а трети киднапираат луѓе. Прислушкувајќи ги, шпанската полиција дозна дека мафијашите од исток чекаат да се врати бандитскиот авторитет Шакро, млад човек чие вистинско име е Захарија Калашов, роден во Тбилиси. Нему треба да му се суди во таа земја.
Истовремено, во Москва полицијата уапси мафијашки авторитети што имаат намера да и' ги испорачаат на Грузија каде што ги чекаат големи затворски казни. Гајоз Звидаѕе (52), попознат како Гија Кутаиски, полицијата долго време го бараше, бидејќи по него имаше распишано потерница. Пред три години во Грузија беше осуден во отсуство на десет години затвор. Тој успеа да побегне во Русија и во Москва продолжи да се занимава со истата работа - уценување трговци.
Вториот бандитски авторитет Мараб Годиј, чиј прекар е Мелија, беше уапсен деновиве во Москва, а во станот му беа пронајдени наркотици. Инаку, тој со години се занимава со банкарски малверзации.
Кога ќе се прочитаат сите тие имиња на мафијашки босови оправдано се наметнува прашањето дали постои руска мафија или тоа се криминалци од Грузија и од останатите делови на Кавказ што имале или се' уште имаат руски пасоши?
Иако од распаѓањето на СССР минаа речиси дваесет години во Европа, и инаку на Запад, сите што доаѓаат од поранешните советски републики се нарекуваат Руси. Многу мафијаши на Запад пристигнаа со руски пасоши, па тоа е и причината што тамошната полиција ги води како Руси. Неспорно е дека Кавказ беше и остана легло на советските, а потоа и на руските мафијаши. Полициските статистики во СССР покажуваа дека најголем број криминални водачи, или како што тие се нарекуваа „вори в законе“, беа од Кавказ. На прво место беше Грузија, а веднаш зад неа Абхазија. Ако се земе предвид пропорцијата на бројот на жители и бандити и Ерменија високо котира на оваа ранг-листа.
По распаѓањето на СССР бандитите, главно, настојуваа да добијат руско државјанство, бидејќи, сепак, во Русија економската ситуација беше подобра отколку во републиките од каде што потекнуваат. Штом почна приватизацијата, за време на владеењето на Борис Елцин, мафијашите со богат затворски стаж брзо се адаптираа на новата ситуација и се обидоа и тие да приграбат дел од државниот имот. Денес во Русија повеќе никој не спори дека приватизацијата беше најобичен грабеж во кој до државен имот доаѓаа оние што најбрзо и најдобро ги подмитуваа државните чиновници. Долги години најбогатиот човек во Русија, а сега политички емигрант во Лондон, Борис Березовски, во повеќе наврати во своите интервјуа повторуваше дека чиновниците биле лесно поткупливи, бидејќи сметаа дека раскрчмуваат „ничиј имот“.
Во тој период особено брзо се разви мафијата од две соседни републики на Кавказ, Чеченија и Ингушетија. Тие сурово се пресметуваа со сите оние што им беа на патот. Звучи неверојатно, но е вистинито, додека траеше војната во Чеченија еден број Чеченци со поддршка на својата мафија основаа банки во Москва и во други градови, ја контролираа работата на коцкарниците, пазарите и на големите маркети. Според сознанијата на полицијата, дел од парите заминуваа кај чеченските сепаратисти што во тоа време имаа свои организирани единици и војуваа против руската војска и полиција. Кавказ и понатаму е главна „школа“ за бандитизам во Русија и таму се регрутираат најголемиот број платени убијци. Оние што научија само да пукаат за време на долгогодишното војување на Кавказ само се „преквалификуваа“ во градски бандити. Наивно е да се верува дека тие, како нивните татковци и дедовци, ќе се занимаваат со земјоделство и чување на овци.
Секој регион на Русија има и свои особености кај организацијата на локалната мафија. На рускиот Далечен Исток мафијашите се регрутираа не само од редовите на поранешните затвореници, туку и поранешни офицери и подофицери. Во време на владеењето на Елцин офицерите во армијата и морнарицата со месеци не примаа плата. Поради тоа, многумина ги соблекоа униформите барајќи заработувачка во цивилство. Еден број од нив се вработија во новоформираните компании како телохранители. Други сами почнаа да тргуваат со вотка и со друг алкохол, а трети превезуваа јапонски половни автомобили со волан на десна страна.
Во Сибир мафијата се концентрираше на „ограбување“ на големи металуршки комбинати. Во одземањето на имотот имаше и многу пукотници и крв. На оние што најбрзо се снајдоа им се потребни јаки и способни служби за обезбедување. Во тоа време голем број поранешни полицајци преминаа во тој бизнис. Некои големи компании, како „Јукос“, имаа своја служба за безбедност која, меѓу другото, се занимаваше и со ликвидирање на конкурентите.
Во Русија денес дејствуваат 249 организации надвор од законот, што вкупно бројат 11.622 лица. Во Москва дејствуваат 12 групи, а во Подмосковјето десет, вели Искандер Галимов, раководител на одделот за кривично гонење при руското министерство за полиција. Според полициските податоци, во Русија во моментов се наоѓаат 149 „вори в законе“. Минатата година беа уапсени 48 мафијашки лидери. Во руските затвори сега се наоѓаат 92 „вори в законе“ т.е. признати бандитски водачи.
Кон крајот на минатата година во Русија е подобрен кривичниот закон, па се заострени и казните. За организаторите на банди сега се предвидени казни од 15 до 20 години. За оние што организираат банди што убиваат луѓе предвидена е казна доживотен затвор.
Руската полиција се' поуспешно се бори против бандитските водачи, особено оние што дојдоа од Грузија. Нив, главно, настојуваат да ги депортираат. Патем речено, веднаш по доаѓањето на власт претседателот на Грузија, Михаил Саакашвили, драстично ги заостри законите против организираниот криминал. Така што мафијашките водачи не знаат каде сега им е потешко - во Русија или во Грузија.
Еден од лидерите на мафијашите на постсоветското пространство, Тариел Онијани (51), чиј прекар е Таро, се наоѓа во затвор во Москва. Од судската документација се гледа дека Онијани бил предаден од своите телохранители. Нему му почна судењето, а обвинет е и за киднапирање на човек. Онијани првпат бил осуден кога имал 17 години. Потоа дури осумпати бил осудуван. Јасно е дека со таков затворски стаж бил угледен меѓу своите сонародници-бандити. Освен него, во затвор со уште двајца негови соучесници, Сергеј Абутиѕе (43) и Алексеј Зубарјов (23). Онијани го сметаат за еден од организаторите на убиството на Вјачеслав Ивањков, наречен Јапончик кого со години го сметаа за водач на „руската мафија“. Ивањков со години беше во американски затвор, бидејќи таму се обидувал да ги рекетира богатите сонародници. Бандитскиот клан на Дедо Хасан, смета дека Онијани го организирал убиството на Јапончик, па му се закануваа со одмазда.
Иако Онијани има грузиско државјанство, руското правосудство ќе и' го предаде на Европа која, исто така, го бара. Значи, прво ќе одлежи во Русија, а потоа ќе и' биде испорачан на Шпанија. Додека Онијани ја докажува невиноста на суд, на 18 март оваа година во Франција е убиен Владимир Данашиј, со прекар Ладо.
Меѓусебните пресметки на мафијашките групи од подрачјето на поранешен СССР во многу нешта личат на оние од старите американски филмови. Меѓутоа, и мафијата се менува, а како што објаснуваат и руските полицајци, бандитските босови веќе облекоа смокинзи и се возат во скапи автомобили и авиони. Полициските анализи во последниве неколку години предупредуваат дека мафијашите се' почесто настојуваат легално да влезат во сферата на политиката. Оние што се збогатија сега имаат и други амбиции, а политиката е пат да се легализира својата активност.
Иако централните власти во Москва се обидуваат да го спречат влезот на бандитите во порите на власта на разни нивоа, тоа нема да биде ниту малку лесно. Тоа што во последниве неколку години во Русија се уапсени десетина полициски генерали што заедно со бизнисмени ја мамеле државата и заработиле милиони долари, само покажува како мафијата се шири како корозија во разни слоеви на општеството. Само наивните сметаат дека бандитите се препознаваат по тоа што носат дебели златни синџири околу вратот и имаат тетоважи на рацете.
Модерните, денешни бандити се облечени во скапи костуми и настојуваат по ништо да не се разликуваат од останатиот деловен свет. Главната руска мафија денес седи и чека да им се донесе мито. Пониските ешалони на таа мафија, место пиштоли, в раце држат печати, а нивните шефови седат во подобро средени канцеларии. Колку корупцијата влезе во разни пори на општеството докажува и реченицата на рускиот премиер Владимир Путин, која неодамна беспомошно ја кажа: „Неодамна ја сменивме целата царина, но и оние што ги заменија не се ништо подобри“. Новата руска мафија се врти и се концентрира таму каде што се трошат големи буџетски пари од здравството до изградбата на патишта.
Пониските ешалони на руската мафија и понатаму се поопасни и посурови што се однесува до употребата на оружје, но службениците што одлучуваат за употребата на печатот и нанесуваат неспоредливо поголема материјална штета на својата држава. Поради сето тоа не е мал бројот на лицата во Русија што веруваат во она старо тврдење дека мафијата е вечна, а мафијашките босови само менуваат костуми и врски. |