Крај на нуклеарното оружје?
ЊУЈОРК - Американскиот претседател Барак Обама ќе претседава со состанокот на Советот за безбедност на ОН, каде што постои веројатност да се упати апел до сите држави за ослободување од нивниот нуклеарен арсенал. Дипломатите изјавија дека очекуваат членовите на Советот едногласно да ја усвојат резолуцијата на ОН, со која се прогласува дека „има потреба од продолжување на натамошните напори во сферата на нуклеарното разоружување“. Во неа, исто така, ќе се повикаат сите земји, кои не го потпишале Договорот за неширење на нуклеарното оружје од 1970 година, тоа да го направат.
Состанокот на 15-членото тело во Њујорк е прва средба на која претседавал американски претседател од формирањето на Советот во 1946 година. Сите пет постојани членки на Советот за безбедност - Русија, Кина, САД, Велика Британија и Франција - поседуваат нуклеарно оружје и поради тоа беа подложени на критики. Потписниците на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, кои немаат нуклеарни капацитети, ги критикуваа постојаните членки на Советот поради тоа што им забрануваат на други земји да развијат нуклеарни програми, иако не успеаја да ги исполнат обврските за разоружување. (Ал Џезира) |