Гебрселасие си го подобри светскиот рекорд во маратон
Хајле Гебрселасие вчера во Берлин си го поправи сопствениот светски рекорд во маратон, станувајќи првиот човек што ја истрчал најтешката атлетска дисциплина за помалку од два часа и четири минути. Новиот рекорд е 2:03,59 ч., подобар за 27 стотинки од времето што тој го постави лани во главниот град на Германија, кога го урна дотогаш најдобриот резултат во историјата на Кениецот Пол Тергат.
Носејќи ги препознатливите жолти патики и маичка, 35-годишниот Етиопјанец уште од стартот ја одржуваше потребната брзина и на половина од трката веќе беше 25 секунди побрз од своето време на минување минатата година. Гебрселасие, кој реши да не учествува во маратонот на Олимписките игри минатиот месец во Пекинг загрижен поради смогот, ги остави своите последни предизвикувачи шест километри пред целта и неговата победа воопшто не беше доведена во прашање.
„Се' беше совршено“, изјави Гебрселасие за германска телевизија откако ја пречекори целната линија во сончевото, но студено берлинско утро. „Времето беше совршено, трката беше совршена и публиката беше совршена“.
Кениецот Џејмс Квамбаи го освои второто место со време 2:05,36 ч., а трет заврши неговиот сонародник Чарлс Камати со 2:07,48 ч. Во женска конкуренција победи Ирина Микитенко од Германија со време 2:19,19 ч., пред Аскале Тафа Магарса од Етиопија со 2:21,31 ч., а трета беше Хелена Кироп од Кенија со 2:25,01 ч. (Ројтерс) |