Цензусот е и кочница и мост
Цензусот како мотив за политички пазарења речиси не постои во други држави
Соња Крамарска
Цензусот при изборот на претседател на државава деновиве ги подели политичките партии кои не успеаја да изградат заеднички став за уставните измени што ги предлага владејачката ВМРО-ДПМНЕ со цел во иднина да не постои уставната одредба за потребен одѕив на повеќе од половина избирачи во вториот круг.
Освен главната владина партија, речиси ниту една од другите партии не дава целосна поддршка на таквата идеја, иако светските искуства се во прилог на тоа дека овој услов е потенцијална закана за успешноста на идните избори.
Погледнавме какви се изборните регулативи во други држави. Во Франција, на пример, каде што претседателот има огромни надлежности (дури поголеми од оние на американскиот претседател), нема цензус или праг на избирачи што се потребни за валидност на гласањето. Доволно е кандидатот за претседател да освои мнозинство од 50 проценти плус еден глас (апсолутно мнозинство) во првиот круг за да биде избран, или се одржува и втор круг на гласање за да се постигне тоа. Така е и во Романија, Австрија, Финска, Полска, Украина, Литванија, Кипар, Белорусија.
Во државите што беа поранешни членки на југословенската федерација, само Србија избираше претседател со цензус, но откако во 2003 година не успеа во три наврати да избере претседател, го укина. Во Хрватска се избира претседател со апсолутно мнозинство во прв круг, а ако тоа не биде достигнато, се оди на втор круг кога за победник се прогласува оној што освоил повеќе гласови, независно дали е апсолутно мнозинство или не. Така е и во Словенија и во Црна Гора.
Македонија има уставна клаузула која вели дека во првиот круг гласање победува оној кандидат за претседател што освоил мнозинство гласови, но од вкупниот број избирачи, а ако тоа не се постигне, се одржува и втора рунда, при што победува оној што добил мнозинство од излезените избирачи, но под услов да се јавиле на гласање повеќе од половина запишани избирачи.
Покрај Македонија, цензус при изборот на шеф на државата има уште и Бугарија и тоа беше причината што Георги Прванов во октомври 2006 година мораше да помине и на втора рунда гласање, без разлика што во првата освои 64 проценти од гласовите. Нивната изборна регулатива вели дека може да биде избран кандидатот кој освоил 50 проценти плус еден глас, но само доколку на гласање излегле 50 отсто од вкупното избирачко тел��. Прванов сега предлага реформа на вкупниот изборен систем во Бугарија.
Меѓу теоретичарите, високиот одѕив се смета за доказ на легитимноста на системот, но има случаи и кога диктаторите фабрикуваат висок одѕив со цел да покажат дека се омилени. Садам Хусеин во 2002 на референдумот пријави дека имало 100- процентен одзив.
Проблемот во Македонија е што со укинувањето на цензусот драстично паѓа цената на гласовите на етничките Албанци, односно на партиите што се пазарат во нивно име. Опозициската Демократска партија на Албанците (ДПА) веќе се изјасни дека, доколку се воведе институцијата потпретседател на државата од редот на Албанците, тогаш одѕивот на избирачите нема да претставува проблем, бидејќи тие ќе бидат мотивирани да гласаат.
ОБСЕ и ОДИХР во својот извештај по последните претседателски избори во 2004 година препорачаа укинување на цензусот со цел да биде елиминирана опасноста од неуспешни избори, но не поради тоа што се случуваат изборни инциденти.
Првите реакции по предлогот на партијата на премиерот Никола Груевски за укинување на цензусот е дека со тоа тој сака да ја продолжи политиката на изолирање на етничките Албанци на македонската политичка сцена. Процените се дека расправата за тоа прашање ќе доведе до прва видлива пукнатина меѓу двете етнички заедници - Македонците и Албанците, бидејќи Албанците ќе побараат воведување на функцијата потпретседател, со што фактички ќе ја оспорат конструкцијата на државата.
|