Луан Старова: Читањето е пријателство кое трае до крајот на животот
Читањето ги следи сите фази на животот: првата, втората и третата доба. Јас сум во третата и моите читања се насочени во функција на моето пишување. Моментно работам врз вториот том на последната објавена книга „Нови амбасади“ (Франција-Македонија), по објавениот прв том романот „Амбасади“ (Макавеј,2010). Така во овој период читам поезија, а пишувам проза. Ги читам француските писатели со кои ми се вкрстил животот или останале мои пријатели, како што се Ремон Кено, Андре Френо, Роже Кајоа, Ежен Гилвик, Жан Русло, Адонис, Анри Мешоник и посебно Едгар Морен. Тие и други беа и поетите кои најмногу ја разбираа и поддржуваа Македонија во текот на мојата мисија како прв амбасадор во Франција. Го раскажувам нивното пријателство во книгата како посебен слој.
Марсел Пруст велеше дека читањето е пријателство кое трае до крајот на животот. Кафка би додал пријателство до крајот на животот. Борхес ја замислуваше библиотеката во облик на рај. Читањето е молитва, дисциплина на духот што не може ништо да ја замени, дури и сите електронски медиуми здружени против неа.
Денес многу се издава, а малку се чита, а некогаш беше можеби обратно. Таквиот однос спрема книгата очигледно сведочи за духовна криза. За жал, домашните автори сосем малку се читаат, да не се наградните поводи којзнае дали ќе се знае за нив. Чест на исклучокот на „Утрински весник“. Препораки за читање, тешко е да се дадат. Но сепак! За тие што имаат трпение и време, делата на Достоевски, Пруст, Орхан Памук, Умберто Еко... Последниве години силен впечаток ми направија книгите на Василе Андру, „Небесни птици“ (добитник на „Балканика“), на норвешката писателка Осне Сејерштад Книжар од Кабул... |