„Мајки“ на Американскиот филмски маркет
Македонскиот филм „Мајки“ на Милчо Манчевски заедно со уште 12 филма од Европа, кои се годинешни кандидати за номинација за „Оскар“ за странски филм, ќе биде презентиран во рамките на акцијата на EFP (Европска филмска промоција), која ќе се одржи од 3 до 10 ноември на Беверли Хилс во Лос Анџелес. Целта на оваа интернационална мрежа е да им овозможи на своите земји-членки за време на одржувањето на Американскиот филмски маркет, да се претстават во текот на ова исклучително важно време во предоскаровската трка, а исто така и да обезбеди платформа за европските филмови што сакаат да најдат американски дистрибутери.
Проекцијата на филмот „Мајки“ е закажана за 10 ноември во 20 часот во салата „Вилшир“ на Беверли Хилс. Покрај Македонија, во рамките на ова претставување на европски кандидати се вклучени и филмовите од Исланд, Холандија, Шпанија, Словачка, Австрија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Унгарија. Тука е и словенечкиот кандидат „9:06“ на Игор Штерк, кој го видовме на фестивалот „Браќа Манаки“, потоа хрватскиот филм „Црнци“ на Звонимир Јуриќ и Горан Девиќ, кој ја освои регионалната награда „Бауер“ на Мотовунскиот фестивал и бугарскиот „Источни пиеси“ на Камен Калев, кој постигна голем успех.
Учеството на „Мајки“ го пријавил македонскиот Филмски фонд уште во јули оваа година. Како што известуваат од Фондот, за овие скрининзи е ангажиран и публицист, Татјана Детлофсон, а се испратени и покани до сите членови на Американската филмска академија. (С.У.) |