Број 3077  четврток, 03 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Свет

Економскиот интерес го ослободи бомбашот од Локерби

Британската влада се брани од обвинувањата за „трговска зделка“ со Гадафи преку пуштањето на Меграхи

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Британската влада и властите во Шкотска беа принудени да ја публикуваат преписката меѓу Лондон и Единбург околу „случајот Меграхи“, во обидот да ја смират распалената кампања во лондонските медиуми за тоа дека постои „трговска зделка“ со либискиот водач Моамер Гадафи и владата во Триполи за пуштањето од затвор на бомбашот од Локерби.

Абделбасет Али ал-Меграхи беше пуштен пред две недели од затворот во Глазгов, со одлука на шкотската влада, заснована на „сожалување“ поради боледување од рак на Либиецот и за кого лекарите во Шкотска тврдат дека му остануваат уште три месеци од животот. Шкотската влада и тогаш и сега инсистира дека станува збор за автономна одлука, донесена врз шкотските правни прописи. Владата во Лондон, пак, уште од почетокот на избувнувањето на целиот случај, тврди дека таа не е и не би можело да биде инволвирана во ослободувањето на Меграхи поради „уставните ограничувања“, односно затоа што станува збор за правосуден случај за кој според законот за деволуцијата, од пред десет години, исклучиво е надлежна владата во Единбург. Таквото тврдење Даунинг стрит 10 го повтори уште еднаш и во почетокот на неделава, кога ги оцени како „невистинити и злонамерни“ тврдењата на лондонски „Тајмс“ дека владата и лично премиерот Гордон Браун биле вклучени во одлуката да се ослободи Либиецот, поради повисоки национални (економски) интереси, иако во 2001 година тој беше осуден на доживотен затвор.

На посебно судење, одржано во една холандска база, со суд составен од шкотски судии, но без порота, уредено по договорот на администрацијата на претседателот Бил Клинтон и на Велика Британија со Либија, Ал-Меграхи, беше прогласен за единствен виновен и осуден поради учеството во соборувањето на американскиот патнички авион, во декември 1988 година, над Локерби, при што беа убиени 270 луѓе, меѓу кои и 11 жители на ова мало место во Шкотска. Либиецот на двапати се обиде да ја оспори пресудата, тврдејќи дека не е виновен за она за што го товарат и за што е осуден, но неговите жалби беа отфрлени и покрај признанието во 2007 година, на еден од „крунските сведоци“ дека лажно сведочел. Во 2003 година, меѓутоа, во настојувањето да се врати во меѓународната заедница како рамноправен член и да и' бидат укинати сите дотогашни санкции, Либија им исплати 2,7 милијарди долари на роднините на сите жртви, инсистирајќи и во тоа време, а и сега дека тоа не значи признавање на вината и на евентуалната вмешаност во подметнувањето бомба во американскиот „боинг 747“.

Кога Би-Би-Си уште во јули најави дека затоа што е болен од рак и се наоѓа на умирање, шкотските власти ќе го ослободат Либиецот, за да умре дома, а не во затворската ќелија, никој во Лондон не реагираше на тоа. Уште повеќе што во меѓувреме беше набрзина ратификувана и спогодбата со Триполи за размена на затвореници. Но, кога реакцијата дојде од САД, прво од државниот секретар Хилари Клинтон, потоа од Белата куќа, а на крајот, што е мошне невообичаено, и од првиот човек на ФБИ, во британската политика се распалија страстите. Домашната опозиција, а посебно ториевците тврдат дека станува збор за „погрешна одлука“ (на шкотските власти) и за „британска срамота“, додека нивните блиски весници отворија силна антивладина кампања, тврдејќи дека е направен договор, за да и' се овозможи пристап на британската нафтена компанија „Бритиш петролеум“ (БП) до либиската нафта и гас. Притисокот нарасна откако се видоа сликите од „херојскиот пречек“ на Маграхи во Триполи, што продолжуваат да се прикажуваат на лондонските ТВ-станици, иако „херојот“ поради влошената здравствена состојба е префрлен во болница.

Шкотскиот весник „Хералд“, пред тоа, направи интервју со Меграхи во кое тој демантира дека имало пазарење за неговото враќање дома и побара јавна истрага за терористичкиот напад, со што се согласуваат голем број шкотски пратеници, како и роднините на загинатите во Локерби, но не и Американците, како и ниту британската влада. За нив Либиецот е виновникот за масовното убиство на невини луѓе, при што американската администрација бараше тој до крајот од животот да остане во затвор, додека премиерот Браун, иако се дистанцира од решението на Единбург, ниту еднаш досега не се изјасни за одлуката на шкотската влада. Тоа го натера „Сандеј тајмс“ да тврди дека токму владата на Браун има решено да се пушти осуденикот Меграхи, откако спогодбата на БП со либиските власти наишла на тешкотии. Неделникот уште открива дека тогаш уследила серија писма меѓу Лондон и Единбург, што заврши со заминувањето на Либиецот од глазговскиот затвор. Тагата на роднините на жртвите е злоупотребена и „продадена“ за да му се удоволи на инаетот на Гадафи, цинично забележа „Сандеј тајмс“.

Британските медиуми продолжија во изминатите две недели да го одржуваат „случајот Меграхи“, политизирајќи ја одлуката на Шкотланѓаните и користејќи ја како орудие на домашната опозиција за пресметка со Браун и неговата влада. Во Лондон никој не крие дека Велика Британија настојува да ја искористи новата меѓународна положба на Либија за значително зголемување на економската соработка и на бизнис-врските, особено што во такви дилови веќе се вклучени и САД, Франција, Русија и Холандија. Италија прифати да го изгради транссеврноафриканскиот автопат, проект вреден пет милијарди евра, за сметка на вклучувањето на италијанската нафтена кампања ЕНИ во експлоатација на либиската нафта. Се проценува дека зделката на „Бритиш петролеум“ би изнесувала и цели 15 милијарди фунти, а дека за возврат Либија би го одбрала Лондон за локација од каде што би се оперирало со бизнисот и инвестициите на земјата. Саиф ал Ислам, син на Гадафи, дипломец на угледната лондонска Школа за економија, наводно, ќе се пресели во британскиот главен град, каде што веќе се купени за многу милиони фунти канцеларии. Либија забрзано купува имот во Лондон и во Британија, а Ал Ислам сака овде да ја пресели својата сателитска телевизиска компанија „Ал Мутаваит“, која според неговите планови би требало да биде главна во арапскиот свет и да ја истисне попознатата „Ал Џезира“.


#
Статијата е прочитана 261 пати.

Испрати коментар

Од: Ози
Датум: 03.09.2009 03:44:40
Со целата оваа афера само се маскира фактот дека вистинскиот виновник за урнатиот авион никогаш не е откриен. Или не смее да биде откриен. Прашањето кој имаше најголема стратегиска корист (и мотив) од урнувањето, дава јасна индикација во ’која грмушка лежи зајакот’.

Најди! во Утрински
Свет
Терористички напад во Атина
Француските социјалисти полека се будат
Производството на опиум во Авганистан драстично опаѓа
Се' повеќе сиромашни луѓе во Русија
ЕУ ќе прима бегалци од конфликтни зони
Иран ги менува амбасадорите