Француските социјалисти полека се будат
По неколкуте тешки порази, социјалистите престанаа да се напаѓаат меѓу себе
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Пред летниот универзитет на водечката опозициона партија во Франција, сите коментатори беа едногласни – енцефалограмот на Социјалистичката партија е мртов. По неколкуте порази на претседателските, парламентарните и европските избори, социјалистите многу повеќе меѓусебно се напаѓаа и водеа примарен „антисаркозизам“, отколку да се занимаваат со вистинска политика и да даваат вистински предлози како алтернатива на политиката водена од десницата.
Лидерот на социјалистите, градоначалничката на Лил, Мартин Обри (инаку, ќерка на Жак Делор), беше избрана на чело на партијата пред девет месеци во сомнителни прилики. Приврзаниците на нејзината противничка Сеголен Ројал обвинуваа дека изборите биле наместени, што само го продлабочи јазот меѓу различните кланови кај социјалистите.
Затоа никој не се надеваше дека во Ла Рошел, каде што традиционално на крајот од летото се собираат социјалистите, ќе се случи нешто посебно. Под притисок на младите кадри на социјалистите, Обри, сепак, успеа да го утврди патниот налог за обнова на Социјалистичката партија (СП). При затворањето на средбата, таа со една реченица ја утврди новата стратегија на нејзината партија: отворена кон општеството, кон левицата, но и кон светот.
Осврнувајќи се на внатрешните проблеми во партијата, каде што има многу повеќе кандидати за кандидатурата за претседател на Франција, таа го прифати принципот за организирање примарни избори, на кои треба да биде утврден кандидатот кој ќе ги претставува на претстојните претседателски избори во 2012 година. Единствено не е јасно дали тие примарни избори ќе се однесуваат само на социјалистите или кон нив ќе се приклучат и другите партии од левицата (зелените, комунистите, итн).
Потоа, Мартин Обри, како лидер на опозицијата, предложи серија контрамерки на политиката на претседателот Никола Саркози: во корист на потрошувачката, против бонусот на банкарите... Градоначалничката на Лил не се покажа многу нежна ниту кон контролата која претседателот на Републиката ја има врз медиумите во Франција, спротивставувајќи се на владината визија за новата такса за јаглерод која ќе треба да ја плаќаат француските домаќинства.
Тоа дека нешто се менува на планетата на социјалистите сведочи и присуството на Сесил Дифло, лидерката на Зелените, која цело едно попладне беше ѕвездата на Универзитетот на социјалистите. Засилена од резултатите на европските ��збори, на кои Зелените се покажаа како втора политичка сила во Франција на многу места, таа им одржа вистинска лекција на социјалистите на кои им порача дека повеќе не можат да се сметаат за „газди на левицата“.
Во моментот кога еден дел од центарот (оној што му остана верен на Франсоа Бајру) се обидува да се приближи кон социјалистите, Обри порача: „Антисаркозизмот не претставува политички проект... Бајру треба да ни каже дека повеќе не и' припаѓа на десницата, ние сакаме да провериме“.
Сеголен Ројал, последниот кандидат на социјалистите на претседателските избори, која не се откажува повторно да ги одмери силите со Никола Саркози се држеше настрана за време на Универзитетот. Како домаќинка на Универзитетот, кој се одржа во Ла Рошел во регионот Пуату-Шарант со кој претседава, Ројал направи осврт на своето претседавање со регионот само шест месеци пред регионалните избори во Франција. Овие избори ќе бидат новиот тест за солидноста на опозицијата, која моментно раководи со 21 од вкупни 22 региона во Франција, но и вистински тест за популарноста на Саркози. |