Производството на опиум во Авганистан драстично опаѓа
Цената на хероинот и натаму е ниска и се сугерира дека снабдувачите ги трошат резервите за да ги зголемат цените
КАБУЛ - Одгледувањето афион и производството на опиум во Авганистан значително опадна, се наведува во извештај на ОН. Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) соопшти дека одгледувањето афион е намалено за 22 отсто за една година, а производството на опиум за десет отсто. Најголеми намалувања има во провинцијата Хелманд, но нивото и натаму е повисоко отколку пред три години, кога британските војници почнаа борби против Талибанците. Цената на хероинот во светот и натаму е ниска, а скептиците сугерираат дека снабдувачите можеби ги трошат резервите за да ги зголемат цените.
Во меѓувреме, пребројувањето на гласовите од минатомесечните избори во Авганистан се' уште продолжува, и покрај тврдењата за големи лажирања. Безбедносната ситуација во земјата се влошува, а билансот на жртвите кај странските сили е на рекордно ниво. Официјални претставници на Европа и на САД ќе се состанат во Париз за да дискутираат за нова стратегија во Авганистан.
ОН сметаат дека трговијата со дрога, која помага во финансирањето на бунтот, го загрозува легитимитетот на авганистанската држава. Во извештајот на УНОДЦ се бара меѓународната заедница да го поддржи напредокот во Авганистан, кој произведува 90 отсто од хероинот во светот. Притоа се пофалува воведувањето на „зони за храна“, поддржани од Велика Британија, за доставување семе за пченица за фармерите. Во извештајот се наведува дека 20 провинции од сите во земјата сега се исчистени од афион, но тоа не значи дека тие се чисти од обработка и трговија со дрога.
Извештајот на ОН посочува дека цената на опиумот е на рекордно ниска вредност за десет 10 години. Извршниот директор на УНОДЦ, Антонио Коста, вели: „Дното почнува да излегува од авганистанскиот пазар на опиум. Тие резултати се добредојдени вести и покажуваат дека е можен напредок“. Но, тој предупредува дека дрогите во Авганистан се' уште имаат катастрофални последици: финансирање на криминалци, бунтовници и терористи, поттикнување на корупција и поткопување на јавната доверба. Некои скептици сугерираат дека - како што цените на хероинот во светот остануваат ниски - опаѓањето на производството на опиум може едноставно да биде привремена тактика на снабдувачите за да ги зголемат цените.
Годинава во Хелманд афионот се одгледуваше на 69,833 хектари, што е голем пад од 103,590 хектари во 2008 година, се истакнува во извештајот. Сепак, податоците за годинава се повеќе од двојно зголемени од 26,500 хектари за одгледување афион во провинцијата во 2005 година, пред да бидат распоредени британските војници во таа област.
Хелманд и натаму опфаќа речиси 60 отсто од вкупното производство на дрога во земјата, се наведува во извештајот на УНОДЦ. Мохамед Џавад, фармер од Лашкар Гах во Хелманд, за Би-Би-Си рече дека ќе одгледува афион доколку може да излезе на крај со тоа. „Годинава одгледувам пченица, домати, компири и бостан. Владата не ни дозволува да одгледуваме афион. Ако бев подалеку, ќе одгледував афион. Знам дека тоа значи многу работа, но што можеме да правиме?“, вели тој. (Би-Би-Си)
|